УСТАВНИОТ СУД ЌЕ ОДЛУЧУВА ПО ЛЕТНИТЕ ОДМОРИ: Ако Протоколот падне – паѓа и аргументот за промена на Уставот

770

Одлуката на Уставниот суд по иницијативата за уставноста на Протоколот со Бугарија може да стане пресвртна точка во македонскиот евроинтегративен процес. Таа не само што ќе го одреди легалниот статус на еден контроверзен документ туку може директно да влијае врз аргументите на оние што ја застапуваат промената на Уставот како единствен пат кон ЕУ. Ако судот утврди дека Протоколот е правно ништовен, тогаш такво е и барањето за уставни измени, како последица на неговите одредби

 

Во услови на чувствителни односи со источниот сосед и на пауза во процесот на евроинтеграции, иницијативата за оценка на уставноста на Протоколот од втората меѓувладина седница со Бугарија добива клучна политичка и правна тежина. Поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, оваа иницијатива може не само да го оспори легитимитетот на еден спорен билатерален документ туку и да го одреди понатамошниот тек на односите со Софија и преговорите со ЕУ. Од судот се очекува по летните одмори да се изјасни дали Протоколот од 17 јули 2022 година, потпишан во Софија од тогашните министри за надворешни работи, ја поминал предвидената процедура за меѓународен договор: преговарање, усвојување од Владата, потпишување, собраниска ратификација и објавување во Службен весник. Според Поповска, ниту една од овие фази не е спроведена во согласност со Уставот и законите.

Таа тврди дека Протоколот е ништовен бидејќи ги прекршува 14 членови од Законот за меѓународни договори, два од Законот за надворешни работи и три од Уставот – меѓу кои и членот 8, кој се однесува на темелните вредности на уставниот поредок. Во суштина, документот, според неа, не е ништо повеќе од записник од состанок на меѓувладина комисија, кој не може да продуцира обврзувачки дејства. Таа бара судот официјално да го прогласи за ништовен и да се отвори процес за создавање нов, правно издржан протокол.

– Протоколот не смее да биде средство за диктирање услови од страна на соседна држава. Тој не е потврден во парламентот, и како таков не може да создава правни последици. Со него се задира во темелите на македонската држава, нација, историја и идентитет, вели Поповска.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се согласи со ваквата оценка и го нарече Протоколот „еден од најштетните документи во историјата на македонската дипломатија“. Тој тврди дека документот, таков каков што е, нема никаква правна важност, ниту обврзувачки карактер.

– Потребно е Уставниот суд да го даде својот став, бидејќи содржината на Протоколот излегува надвор од рамките на Договорот за добрососедство. Тој е склучен без правен основ и може да создаде штетни последици. Но, за среќа, во моментот не произведува никакви правни дејства, рече Муцунски во телевизиско гостување.

Според него, судската одлука ќе биде доказ дали уставните измени се навистина единствената пречка на македонскиот пат кон ЕУ, како што тврди Бугарија.

– Развојот на овој процес ќе покаже дали навистина станува збор само за уставни измени или има и други скриени барања. Треба да се следи внимателно, додаде министерот.

Тој ги повика бугарските власти да се откажат од „реториката на 19 век“ и да започнат да гледаат кон иднината. Муцунски порача дека Македонија е отворена за разговори, но дека не може да прифати услови кои го негираат правото на самоопределување, историја, јазик и културен идентитет – права кои се темелни европски вредности.

Премиерот Христијан Мицкоски оди и чекор подалеку. Тој обвини дека Протоколот е резултат на „национално предавство“ на претходната власт, која, според него, потпишувала сè што ѝ било понудено од странски центри. Мицкоски порача дека актуелната Влада ќе продолжи „жестоко да се бори за македонскиот идентитет и да го врати распродаденото“.

– Не се бориме за модерни Македонци кои зборуваат модерен македонски јазик, туку за нашата вистинска суштина. Време е Македонија да престане да биде заложник на туѓи интереси и да си ја врати самопочитта, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Бугарија и понатаму ја блокира Македонија во евроинтеграциите преку негирање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и дека предлогот за заедничка резолуција во Европскиот парламент сè уште не добил одговор од Софија.

И поранешниот амбасадор Ристо Никовски во неколку наврати, во изјави за весникот ВЕЧЕР нагласи дека откажувањето од вториот протокол со Бугарија е единствено можно решение за земјава да излезе од ќор-сокакот на патот кон ЕУ.

– Топката е во нашиот двор, ако, како држава, имаш преземено некоја обврска, а тоа сме го направиле со вториот протокол, треба или да ја исполниш или да ја откажеш. Со оглед дека исполнувањето би значело крај на македонизмот, ние практично немаме друга опција, освен да го откажеме. Со тоа почнува нова етапа на македонската интеграција во ЕУ, на рамноправна основа, како и сите други кандидати и членки. Тоа ќе крене одредена врева на меѓународен план, која бргу ќе се смири бидејќи не е никаков меѓународен договор, ама паралелно ќе мора да се води една жестока дипломатска офанзива со испраќање соодветни меморандуми на сите страни, во кои ќе се објаснуваат нашите неоспорни аргументи, вели поранешниот амбасадор Никовски.

На оваа политичка заднина, правната разврска пред Уставниот суд добива пошироко значење. Без оглед на исходот, процесот ќе ја дефинира и идната динамика на македонско-бугарските односи. Сè додека трае овој процес, меѓусебната недоверба останува реалност. Протоколот, наместо да биде алатка за надминување на разликите, стана симбол на политичка блокада која го кочи патот на Македонија кон ЕУ.  (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ