Со ова Уставниот суд останува со само седуммина судии, што може да предизвика проблеми во одлучувањето.
Уставната судијка Јадранка Дабовиќ-Анастасовска поднесе оставка, која ја образложила со лични и семејни причини, потврдија од Уставниот суд за „Слободен печат“. Во писмо со кое го известила Собранието за потегот, судијката наведува дека промени од семејна природа во втората половина од годинава ја натерале да донесе одлука да се повлече од функцијата.
Вршењето на функцијата судија на Уставниот суд за мене беше голема чест и одговорност. Се трудев да ја извршувам функцијата одговорно, со посветеност и професионалност. Но, поради непредвидените околности, сметам дека нема да можам да работам на предмети со целиот свој капацитет, кои најчесто не се од мојата потесна професионална определба на која сум се усовршувала цели 40 години, пишува Дабовиќ-Анастасовска.
Таа информира дека од 1 јануари 2026 година се враќа на професорската позиција на Правниот факултет при УКИМ. Со заминувањето на Дабовиќ-Анастасовска, Уставниот суд останува со седуммина судии, што може да го отежни процесот на одлучување во наредниот период.












