– Се бараат вонредни инспекциски проверки и тие веќе се спроведуваат. Што се однесува до дислокацијата, ниту тоа не е никаков проблем за Владата. – Сѐ што е проблем за граѓаните, е проблем и за нас. Јас ги разбирам граѓаните, тие се секогаш во право – сите живееме тука и го дишеме овој воздух, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека Владата ќе постапи во рамки на своите ингеренции по заклучоците донесени од Советот на Град Скопје.
Од Здружението на млади правници изјавија за весникот ВЕЧЕР дека прашањето е дали е тоа изводливо од технички аспект, но и правната постапка во која тоа би се реализирало
Дислокација на фабриката за цемент „Титан Усје“ како крајно решение, а додека да се случи тоа, зашто станува збор за сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш, би траела со години, да се направи план заедно со скопските општини за намалување на аерозагадувањето. Ваква едногласна одлука донесоа советниците на Град Скопје веднаш по протестот што во четвртокот вечерта беше организиран од Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ со блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ против, како што рекоа, „континуираното загадување и труење на жителите на градот“.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе постапи во рамки на своите ингеренции по заклучоците донесени од Советот на Град Скопје за цементарницата, нагласувајќи дека и вонредните инспекциски контроли и евентуалната дислокација не претставуваат проблем доколку тоа е во интерес на граѓаните.
– Се бараат вонредни инспекциски проверки и тие веќе се спроведуваат. Што се однесува до дислокацијата, ниту тоа не е никаков проблем за Владата. Сѐ што е проблем за граѓаните, е проблем и за нас. Јас ги разбирам граѓаните, тие се секогаш во право – сите живееме тука и го дишеме овој воздух – изјави Мицкоски.
Советниците го задолжија Град Скопје да се обрати до Министерството за животна средина со официјално барање да се испита работењето на „Усје“ и на сите големи индустриски загадувачи во однос на исполнувањето на условите, обврските и критериумите што произлегуваат од важечката дозвола за работа и релевантната еколошка регулатива и во најбрз рок да го известат Град Скопје за резултатите.
Новиот министер за животна средина, Муамед Хоџа, денеска одржа координативна средба на која беа повикани неговата заменичка, Ане Лашкоска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во Министерството. Хоџа побарал информации од директорката Гиновска во врска со надзорот на работењето на „Усје“, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно Министерството.
– Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозволи. Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација. Ова е само првиот чекор од низата на чекори кои како министер ќе ги преземам за справување со овој повеќедецениски сложен проблем – рече Хоџа, а за решавање на проблемот повика на соработката и партнерството од сите кои сакаат да помогнат во намалувањето на загадувањето и обезбедувањето на почиста животна средина.
Градските советници ја повикаа Општина Кисела Вода врз основа на наодите, параметрите и мислењата добиени од Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина да води особена сметка при понатамошната изработка на ДУП-овите, како и да ги земе предвид истите при сите идни урбанистички и плански постапки.
Истата обврска се однесува и на останатите скопски општини – да обезбедат обезбедување усогласен, одговорен и одржлив пристап во просторното и урбанистичкото планирање во интерес на заштитата на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните. Додека, пак, се задолжува градоначалникот на Град Скопје да се обрати до Владата за да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина согласно Законот за животна средина и Просторниот план на РМ.
Градоначалникот на општина Центар и потпретседател на ЗЕЛС, Горан Герасимовски вели дека „ако е вистина тоа што се зборува, загадувањето мора да се санкционира ригорозно“.
– Како потпретседател на ЗЕЛС, очекувам Градот да изработи јасен план со сите 10 скопски општини за намалување на аерозагадувањето. До средината на следната недела ќе одржиме состанок во рамки на ЗЕЛС, каде што ова ќе биде приоритет. Потребни се мерки во однос на јавниот превоз, при екстремно загадување да се воведе системот „пар-непар“, строги инспекциски контроли за домаќинствата што користат штетни горива и редовен надзор кај најголемите загадувачи. Општина Центар нема индустриска зона, но загадувањето нè засега сите подеднакво – вели Герасимовски.
И партиите се вклучуваат во иницијативата за дислокација на индустриските капацитети надвор од Скопје. Од ДОМ бараат јавен мониторинг на гасовите што се испуштаат од оџаците и сметаат дека не смеат да бидат „интерна тајна“ достапна само за инспекторите.
– Усје да се обврзе со законски акт годишните ремонти (запирање на печките) да ги врши исклучиво во декември и во јануари. Ова е бесплатна мерка која веднаш ќе го намали товарот врз воздухот во најкритичните месеци на температурна инверзија. Итно да се забрани користењето пластика, текстил и гуми како енергенс во технолошкиот процес и додека фабриката е во населено место, мора да работи исклучиво на гас – велат од ДОМ. Предупредуваат на реалноста дека дислокацијата на капацитет како „Усје“ е исклучително сложена правно-финансиска операција, која дури и да започне веднаш, би траела со години. Од ДОМ бараат засилени контроли и на „малите оџаци“ на сервисите и на погоните што горат отпадно масло и лакиран дрвен отпад.
Од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) за весникот ВЕЧЕР велат дека не се запознаени со деталите од иницијативата за дислокација на „Усје“, но она што можат да го кажат во моментот е дека цементарницата поседува А-интегрирана еколошка дозвола која ја издава ресорното Министерство и оваа институција е надлежна да направи промена или да ја одземе дозволата на „Усје“ доколку се прекршени условите пропишани во неа.
– Доколку Инспекторатот за животна средина утврди дека трипати е направено прекршување на условите согласно со А-интегрираната еколошка дозвола, треба да го извести за тоа Министерството за животна средина и просторно планирање. Досега немаме информации за утврдени прекршувања на „А“ дозволата, па и не можеме да кажеме на кој начин и како би се реализирала евентуалната дислокација – сметаат од МЗМП.
Во однос на дислокацијата на фабриката, од Здружението велат дека прашањето е дали е тоа изводливо од технички аспект, но и правната постапка во која тоа би се реализирало.
(С. Бл.)











