понеделник, август 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Уште една, трета жртва на западнонилската треска: Почина 61-годишен пациент, шестмина се...

Уште една, трета жртва на западнонилската треска: Почина 61-годишен пациент, шестмина се во критична состојба

1

Уште еден пациент почина од западнонилска треска во Македонија, информираше министерот за здравство Сашо Клековски. Станува збор за 61-годишен пациент од едно од афектираните места, кој, според министерот, имал и неколку коморбидитети.

„Во саботата почина третиот пациент, 61-годишен, од едно од афектираните места. Има шест критични пациенти“, изјави Клековски.

Според најновите податоци, во земјава досега се потврдени 35 случаи на западнонилска треска, додека уште три случаи се суспектни и се во процес на дијагностицирање.

Во моментов 16 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа. Од Клиниката досега се отпуштени 15 пациенти кои се излекувале.

Од потврдените случаи, шест пациенти се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега.

Министерот информираше дека здравствените капацитети за дијагностика се значително зголемени. Додека во претходните години се правеле околу 40 анализи годишно, сега се вршат по четири до осум анализи дневно. За конечна потврда на дијагнозата, како што посочи Клековски, потребни се два независни теста.

Дополнително, здравствените работници кои можат да дојдат во контакт со пациенти со сомнеж за западнонилска треска се веќе информирани. Алармот за препознавање и дијагностицирање на заболувањето е активиран кај инфективните одделенија, матичните и семејните лекари, како и кај невролозите и Клиниката за неврологија.

Клековски посочи и дека при мапирањето на случаите треба да се прави разлика меѓу местото на живеење на пациентот и местото каде што навистина се заразил.

Како дополнителен ризик се посочува и состојбата во соседна Грција. Според информациите изнесени од министерот, Атина во моментов е едно од најактивните подрачја во Европа со западнонилска треска, а случаи се регистрирани и во пограничните подрачја со Македонија.

Со последниот смртен случај, бројот на починати од западнонилска треска во земјава се искачи на тројца.

ИЗДВОЕНИ