По скапите нафта, ѓубрива и енергенси, земјоделците добија уште еден удар – поништувањето на повиците за трактори и приклучна механизација остави над 2.500 стопанства без финансиска поддршка. Ова го стави секторот во финансиска неизвесност, ја загрози модернизацијата и може да се одрази врз производството на храна и врз цените на пазарот доколку не се преземат итни мерки за транспарентност и поддршка

 

Повиците за трактори и приклучна механизација се поништени, а земјоделците останаа без финансиската поддршка за модернизација на земјоделските стопанства. Платежната агенција ја запре ИПАРД 3- програмата за 2025 година поради констатирани злоупотреби, со што над 2.500 земјоделци останаа во неизвесност. Земјоделците велат дека по скапите нафта, ѓубрива и енергенси, ова е уште еден финансиски удар врз секторот. Тие бараат итно известување и транспарентност за идните инвестиции и апликации, бидејќи веќе направиле трошоци за подготовка на документацијата.

Повиците предвидуваа финансиска поддршка до 10.000 евра за корисник, за набавка на трактори и приклучна механизација, со цел модернизација и поголема ефикасност во обработката на земјоделските површини. Последната распределба на финансиска поддршка се случи во 2023 година, кога беа доделени решенија за 730 земјоделци.

Земјоделците велат дека веќе купиле трактори и друга земјоделска механизација и сега не може да ги вратат вложените средства. Проблем имаат и фирмите што веќе започнале со реализација на своите инвестиции и не може да го повратат делот од вложеното. Минатата година биле потпишани 25 договори за мерката техничка помош, а овие компании аплицирале за европски средства во делот на преработката, пакувањето, производството и проширувањето на капацитетите.

– Се повлекуваат сите мерки од ИПАРД-програмата од која земјоделците добиваа пари за трактори и земјоделска механизација. Освен за новите апликанти, сопрени се и средствата за веќе одобрените апликации и сега земјоделците не може да си ги вратат парите за купените трактори. Преку ИПАРД, тие добиваа 50 отсто поврат на парите за земјоделска механизација. Така, на пример, ако еден трактор чини 20 илјади евра, 10 илјади евра се финансираа преку оваа програма – изјави за весникот ВЕЧЕР Тони Максимов од Националната земјоделска мрежа.

Се појавија и многу малверзации од компаниите што продаваат земјоделска механизација. Тие ги качија цените за 10 отсто, поради што голем дел од земјоделците се откажаа од купувањето трактори и покрај тоа што веќе имаа склучено договори со Платежната агенција.

– Компаниите што продаваат земјоделска механизација ги зголемија цените и земјоделците мораа да платат дополнителни илјада-две илјади евра. За да нема вакви малверзации, предложивме ние да платиме 50 отсто од вредноста на земјоделската механизација, а останатиот дел што го покрива државата – да им го плати директно на фирмите што продаваат земјоделска механизација – вели Максимов.

Диме Димитриевски вели дека поради поништените повици, голем број земјоделци се изложени на финансиски трошоци за прибирање и комплетирање на документацијата.

– Според Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, земјоделците можеа да земат максимум 10 илјади евра за набавка на трактор. Но, освен што останаа без трактори, земјоделците загубија и многу време и беа изложени на дополнителни финансиски трошоци за прибирање и комплетирање на документацијата. Поради тоа, земјоделците прашуваат кој ќе им ги покрие трошоците за аплицирање во програмата – вели Димитриевски.

Ристо Велков вели дека сега ќе треба земјоделците од џеб да ги дадат парите за трактори и земјоделска механизација.

– Земјоделците веќе потпишале договори за набавка на трактори и ги дале парите за договори во рамките на ИПАРД 3-програмата. Сега, додека трае суспензијата, нема пари од ИПАРД и нема поврат на средствата, а нема ни нови апликации. Сега земјоделците ќе останат без парите за трактори. Така што, по скапите нафта, ѓубрива и енергенси, ова е уште еден финансиски удар врз секторот и ќе се одрази врз цените на земјоделските производи – вели Велков.

Според јавниот повик, земјоделците, односно заинтересираните земјоделци, може да земат до 10 илјади евра прифатливи трошоци, сума што не е мала за еден земјоделец. Во повикот за набавка на приклучна земјоделска механизација за 2025 година, прифатливите трошоци за корисник, исто така, беа до 10 илјади евра.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ