Вкупно 24 банки се дел од процесот на разгледување на проектната документација, за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга покрај Коридорот 10, од кои 22 банки веќе добија официјално барање за доставување понуда, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Дополнително, додаде таа, уште две банки – НЛБ Словенија и една банка од Дубаи – покажале интерес и во моментов се во фаза на анализа на доставените материјали.
– НЛБ Словенија сака да настапи во форма на конзорциум, и ние веќе доставивме барање и до неа. Истото важи и за банката од Дубаи. Сите овие банки се активно вклучени во процесот, особено по завршувањето на првичната фаза. Можам да кажам дека има солиден интерес и подготвеност за понатамошна соработка – рече Димитриеска-Кочоска во поткастот „Каде се парите“.
Целокупната документација добиена од „Железници“, преку Министерството за транспорт и Владата, е доставена до заинтересираните банки со цел запознавање со проектот, прибирање информации и изработка на понуди.
– Сè што е на располагање ќе го споделиме со цел процесот да биде транспарентен, да добиеме поконкретни понуди и, секако, најповолна каматна стапка за државата – истакна Димитриеска-Кочоска.
Во врска со буџетската динамика, министерката појасни дека не се предвидени средства за овој проект ниту во ребалансот за 2025 ниту во буџетот за 2026 година.
– Првите исплати се планирани за 2027 година, што е координирано и потврдено од Министерството за транспорт и од премиерот – нагласи министерката.
Во однос на понатамошната динамика, таа појасни дека, како Министерство за финансии, по добиените понуди ќе се направи анализа и ќе се достави предлог до Владата, која ќе донесе конечна одлука за избор на најповолна понуда. Потоа ќе следува подготовка на закон за задолжување, негово усвојување, а понатаму и постапки за јавни набавки од страна на надлежното ресорно министерство.
– Треба да се земе предвид и изборниот период, кој влијае на временската рамка. Затоа не можам точно да предвидам колку време ќе биде потребно за сите следни чекори. Но, она што е важно е дека 2027 година е година кога се планира првото повлекување средства – рече Димитриеска-Кочоска.