Градската градоначалничка Данела Арсовска влезе во клинч со лица кои вршат нелегални работи, како што е дивоградбата во Чаир и ископот во коритото на реката Вардар. Таа ги прозва општина Чаир и МВР веднаш да постапат согласно нивните надлежности.
– Продолжува “филозофирањето” на МВР и претседателот на Владата кој не ги знаеше надлежностите на Градот Скопје. Препорачуваме да ги ислушаат внимателно изјавите на затекнатите работници, бидејќи повторно на терен има проблеми со непостапување на МВР. Во Чаир продолжуваат нелегалните и криминални активности, повторно во обид да ги прикријат трагите од тој криминал спроведен со спротивно на закон и диво градени објекти на државно земјиште – велат од Град Скопје.
Оттаму нагласуваат дека на лице место во саботата инспекцијата на Град Скопје затекнале работници кои работеле на покривање на претходно направената дупка.
– Тие биле непосредно ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба и узурпација на државно земјиште, им платиле во кеш и ги упатиле на лице место да ја скријат дупката со која го оштетија булеварот и подземните инсталации на водовод, канализација и високонапонските кабли за струја. Ова е со цел да ја избегнат одговорноста за нивните криминали – нагласија од Град Скопје.
Градските власти бараат Општина Чаир и Државниот градежен инспекторат веднаш да ги урнат дивоизградените објекти и да ја санираат штетата со враќање во првобитна состојба.
– Министерството за внатрешни работи врз досега сите очигледни докази, да ги утврди сторителите на кривични дела и да поднесе кривични пријави. Апелираме до Владата и МВР да престанат со „филозофирање“ да се фатат за работа, има повеќе од доволно докази, информации и аргументи кои би можеле да им помогнат во истрагата за поднесување на кривична пријава за како нивна службена должност за да се обезбеди одговорност на сторителите – велат од Град Скопје.
Минатата недела, пак, Арсовска преку социјалните мрежи информираше дека при инспекциска акција во општина Аеродром, во нелегални активности била затекната фирма која без лиценца, елаборат и дозвола за работа, со механизација вадела песок од коритото на реката Вардар. Поради тоа, Арсовска извести дека добила закани за нејзиниот живот и за животот на нејзиното семејство.
Таа посочува дека лицето Ќамил Османовиќ и неговите соработници ги упатиле заканите пред сведоци, поради што ќе поднесе пријава до МВР. Арсовска го повика министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, да постапи.
– Никој не им се плаши, но убаво би било да видиме дали ќе постапите бидејќи неказнивоста и непостапувањето предизвикува да мислат дека се недопирливи пред законот – истакна Арсовска.
Таа додаде дека за случајот се известени и Министерството за животна средина и просторно планирање и другите надлежни институции.