
Екстремно силниот ураган Мелиса стигна до Куба откако вчера ја опустоши Јамајка. Тоа е најмоќната бура со која островската земја некогаш се соочила.
Досега нема потврдени смртни случаи, но голем дел од Јамајка е без струја и интернет, а со оглед на силата на бурата и обемот на штетата, се очекува да има. Хуманитарните организации велат дека се „подготвуваат за најлошото“.
Премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, во нова објава на социјалните мрежи им порача на своите сограѓани дека владата интензивно работи на обновата на островот. Тој особено нагласи дека сè уште нема потврдени извештаи за загинати. „И ние сме благодарни за тоа“, додаде тој.
Сепак, Холнес го призна обемот на уништувањето со кое се соочуваат Јамајканците – особено на западниот дел од островот.
„Знаеме дека многумина од вас минуваат низ болка, неизвесност и вознемиреност по ураганот Мелиса, но ве молиме знајте дека не сте сами“, напиша тој.
„Нашите тимови се на терен, работат без престан за спасување, обнова и обезбедување помош таму каде што е најпотребно. Обновата ќе потрае, но владата е целосно мобилизирана. Пакетите за помош се подготвуваат и правиме сè за да го вратиме нормалниот живот што е можно поскоро.“
„Му велам на секој Јамајчанец – држете се. Ќе се обновиме, ќе се опоравиме“, заклучи тој.











