сабота, октомври 10, 2026
Дома СВЕТ Ураганот Исајас предизвика хаос во САД: Стотици илјади жители без струја, запрено...

Ураганот Исајас предизвика хаос во САД: Стотици илјади жители без струја, запрено е производството на 69 отсто од нафтата во американскиот дел на Мексиканскиот Залив, има и жртви

0

Приближно 68,76 отсто од дневното производство на нафта и 57,44 отсто од производството на природен гас во американскиот дел на Мексиканскиот Залив се прекинати поради ураганот Исајас, додека персоналот е евакуиран од 113 производствени платформи, соопшти денеска американското Биро за управување со океанска енергија.

Според извештајот на Бирото, персоналот е евакуиран од вкупно 113 производствени платформи, што претставува 30,46 отсто од 371-та платформа со екипаж во американскиот дел на Мексиканскиот Залив. Екипите се евакуирани и од осум платформи за дупчење кои немаат системи за динамично позиционирање, што сочинува 72,73 отсто од 11-те такви платформи што моментално работат во Заливот.

Постапката вклучува затворање на безбедносните вентили во бушотините за да се спречи истекување на нафта или гас, со што се запира производството од бушотините во Заливот и се штитат морската животна средина и крајбрежјето. Сите објекти ќе бидат прегледани откако ќе помине невремето, пренесе „Танјуг“.

Производството во објектите што не претрпеле штета ќе продолжи веднаш по стандардните безбедносни проверки, додека враќањето во функција на оштетените објекти може да потрае подолго, се наведува во соопштението.

Две лица загинаа денеска во американските сојузни држави Флорида и Алабама како последица на ураганот Исајас, а повеќе од 868.000 корисници се без електрична енергија. Локалните власти изјавија дека и двата смртни случаи се случиле откако дрвја, урнати од ураганот, паднале врз куќи.

Иако ураганот денеска ослабна во пост-тропски циклон, Исајас продолжува да претставува закана од поплави и торнада додека се движи кон внатрешноста на САД, предупредија метеоролозите и официјалните лица. Повеќе од 868.000 корисници останаа без струја рано утринава во Флорида, Алабама и Џорџија, според податоците од PowerOutage.us.

ИЗДВОЕНИ