Драмата „Црно злато“ на култниот македонски драматург Дејан Дуковски, од денеска, почна да се поставува во Македонскиот народен театар од еден од најзначајните македонски режисери, Слободан Унковски. Премиерата на „Црно злато“ МНТ ја најавува за декември.

Како што соопштија од оваа театарска куќа, пробите за новата претстава започнаа на први септември, со што Унковски повторно се враќа на големата сцена на МНТ по режијата на претставата „Сите сме птици“, со која оствари голем успех.

Во „Црно злато“, драмскиот фокус е на семејство погодено од повеќекратни транзиции – социјални, политички, етички, но и родови. Во семејство оптоварено со заминувањето на синот Анѓел, влегува деловната жена Анѓела, која доаѓа од Шпанија, но постепено се открива дека таа е, всушност, „изгубениот син“.

Како што посочува Дуковски во едно интервју, мотив за „Црно злато“ е драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, синот се враќа по многу години печалба и сака да го изненади семејството. Вели дека станува збор за трагичен текст, каде што се чувствува распадот и на семејството и на средината.

– „Црно злато“ носи авторски потпис на Дуковски, драматург чие творештво со својата специфична естетика, црн хумор, остар јазик и препознатлив авторски сензибилитет остава голем печат во македонскиот и европскиот театар. Во центарот на приказната е едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други, посочуваат од МНТ.

Избрани за улогите во претставата се: Јовица Михајловски како Димитрие, таткото, „заебан и забеган“; Мими Таневска како Мара, загрижена и „отидена“; Камка Тоциновски како Анѓела, изгубениот син Анѓеле, кој се враќа дома како исполнета жена на средни години; Нела Павловска како Кате, ќерката и помалата сестра на Анѓеле, заглавена во фамилијарната транзиција; Григор Јовановски како Семир, трговец поединец, речиси адвокат, „насукан“ на Кате; Сашко Коцев како Киро, бивша љубов на Анѓеле; Софиа Насевска-Трифуновска како Извршителот, претходно Сале пицајзла и Гораст Цветковски како Барабата.

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал, композиторот Златко Ориѓански, асистент на режисерот Звездана Ангеловска и асистентот на сценографот Мартин Манев. Во претставата учествуваат музичари и хор.

Како што додаваат од театарот, со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува имињата на Дуковски и Унковски: тандем кој во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија.

Инаку, праизведбата на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрљиќ беше изведена во март, годинава, на големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ на Белградскиот драмски театар (Београдско драмско позориште), каде што беше наградена со стоечки овации.

(Н. И. Т.)

Фото: Кристијан Теодоров

ИЗДВОЕНИ