Европската комисија денеска одобри дополнителни 6,1 милијарди евра финансиска помош за Украина за набавка на нови одбранбени системи. Средствата се наменети за противвоздушна одбрана, ракети, муниција и радари, пишува „Ројтерс“.
Овој нов пакет помош е дополнување на претходно одобрените 16 милијарди евра за купување опрема. Од таа сума, досега се исплатени 8,35 милијарди евра.
– Со оглед на тоа што Русија ги засилува своите напади, ние дејствуваме конкретно за да ѝ помогнеме на Украина да го заштити своето население и да го одбрани небото. Европа е со Украина и ние ќе ѝ обезбедиме што ѝ е потребно, кога ѝ е потребно, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Веста доаѓа во моментот кога Украина го прославува Денот на независноста. Во својот говор по тој повод, претседателот Володимир Зеленски повика на зголемен меѓународен притисок врз Русија, со цел да се принуди да седне на преговарачка маса, повикувајќи ги САД, Европа и Кина да ја одиграат својата улога.












