Тутунарите не се откажуваат од барањето за повисока цена на тутунот

0

Откупот на тутунот од годинашнава рeколта се интензивира. Пет од десетте лиценцирани компании ги отворија пунктовите за откуп на годинашнава реколта. Деновиве уште три ќе излезат на теренот, со што е зголемен интензитетот на преземање на родот.

– Со самото отворање на пунктовите на компаниите што до четврток ќе отворат осум од 10. компании, се докажува дека интензитетот и барањето за отворање на пунктовите се зголемени. Така, со тоа се докажува дека и тутунарите се задоволни со процената во прва класа и со цената од 420 денари за килограм – вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија.

Досега се откупени 500 тони по 420 денари. Сојузот инсистира да не се купува по класи, зашто би паднал просекот под ланскиот. Иако трае откупот, не се откажуваат од барањето за зголемување на цената на тутунот.

– Ако дозволевме да се купува тутунот по класи со овие цени, просекот на откупот на тутунот ќе паднеше под минатогодишниот. Вака ќе го задржиме просекот на овие цени што се сега, 420 денари за килограм. Инаку, сите ги нивелираа цените на 420 денари за прва, 360 денари за втора и 300 денари за трета класа тутун. Мора да напоменам дека прво се купува летниот тутун, а има време да се досуши есенскиот, кој не треба сега да се носи за откуп. А, иако трае откупот, ние не се откажуваме за повисоки цени на тутунот. Секој ден сме во контакт со компаниите дали ќе има анекс на договорите – објаснува Ристески.

Крајниот рок сите 10 компании да ја купат реколтата од околу 22.000 тони е 15 декември. Во законските измени, Сојузот ќе бара прецизно откупот да почнува на 1 декември и да трае до 28 февруари. Сега почетниот рок за откуп е 15 ноември, а крајниот 15 декември.

ИЗДВОЕНИ