Поради климатските промени и ширењето на инвазивниот тигрест комарец, тропската болест чикунгуња сега се заканува на поголемиот дел од Европа, а научниците предупредуваат дека епидемиите би можеле да станат почести и потешки како што континентот се затоплува.
Повисоките температури предизвикани од климатската криза значат дека инфекциите сега се можни повеќе од шест месеци во годината во Шпанија, Грција и други јужноевропски земји, и два месеци во годината во југоисточна Англија, пишува The Guardian.
Научниците предупредуваат дека, како што продолжува глобалното затоплување, болеста ќе се шири подалеку на север.
Анализата е прва што целосно го проценува влијанието на температурата врз времето на инкубација на вирусот кај азискиот тигрест комарец, кој ја зафати Европа во последните децении. Студијата покажа дека минималната температура на која можат да се појават инфекции е за 2,5°C пониска од претходно проценетата.
Вирусот чикунгуња првпат е откриен во 1952 година во Танзанија и бил ограничен на тропските региони, каде што се регистрираат милиони инфекции годишно. Болеста предизвикува силна и долготрајна болка во зглобовите, што може да биде исклучително исцрпувачко и фатално за малите деца и постарите лица.
Мал број случаи се пријавени во повеќе од десетина европски земји во последниве години, а стотици случаи се пријавени во Франција и Италија во 2025 година.
– Стапката на глобално затоплување во Европа е околу двојно поголема од глобалниот просек, а долната температурна граница за ширење на вирусот е многу важна, па затоа нашите нови резултати се доста шокантни. Ширењето на болеста кон север е само прашање на време, рече Сандип Тегар од Центарот за екологија и хидрологија на Велика Британија (UKCEH), водечки автор на студијата.
– Пред дваесет години, ако рековте дека ќе имаме чикунгунија и денга треска во Европа, сите ќе велеа дека сте луди, тоа се тропски болести. Сега сè се промени. Тоа е поради инвазивните комарци и климатските промени, – додаде Стивен Вајт од UKCEH.
Студијата, објавена во Journal of the Royal Society Interface, користела податоци од 49 претходни студии за да го утврди за прв пат времето на инкубација на вирусот кај тигрестите комарци низ целиот температурен опсег. Прагот на температура за пренос е утврден на 13–14°C.
Ширењето во Европа е предизвикано од заразени патници кои се враќаат од тропските региони, кои потоа се каснати од локални тигрести комарци, ширејќи ја болеста понатаму. Досега, студените зими во Европа ја запираа активноста на комарците и го спречуваа ширењето на болеста година по година.












