Тринаесетто издание на манифестацијата „Ден на гравот“

18

Во тетовско Теарце, во дворот на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, в сабота напладне ќе се одржи тринаесеттото издание на меѓукултурниот фестивал „Ден на гравот“, кое ќе трае до 15:00 часот.

Од Центарот за едукација и развој информираат дека настанот ќе почне со презентација на јадењата подготвени од учениците и со изложби на училиштата и дека ќе следува културно-уметничка програма на друштвата од Тетово. Потоа присутните ќе бидат послужени со грав и со други традиционални јадења.

– Фестивалот „Ден на гравот“ ќе понуди земјоделски саем на традиционални јадења и производи, презентирани од земјоделци, агрономи и ученици од основните училишта од општините Теарце, Јегуновце и Тетово. Ќе биде посветен  посебен дел на производителите од Албанија и од Косово. За најмладите ќе бидат организирани активности со боење на лицето и игри. Културните друштва „Кирил Пејчиновиќ“ – Теарце, „Јени Хаjaт“ – Тетово и „Џеладин Зеќири“ – Тетово ќе настапат со културно-уметничка програма, а на крајот, традиционално, ќе бидат послужени грав и алва –информираат организаторите.

Фестивалот „Ден на гравот“ започна во 2008 година како мултикултурен настан со цел надминување на етничките бариери и обединување на локалната заедница.

– Со помош на локални и меѓународни волонтери, фестивалот се организира секоја година со цел да ја промовира одржливоста на локалните традиции, обичаи и ресурси.  Во изминатите години, локалните музеи од Вратница и Џепчиште презентираа артефакти и поставки од историјата на регионот. Година по година, настанот расте – како по обем, така и по богатството на програмата – привлекувајќи учесници и посетители на регионално, национално и меѓународно ниво“ – се наведува во соопштението од ЦЕД.

ИЗДВОЕНИ