Три лица настрадаа , а повеќе од 10 се повредени во стампедо на хинду фестивал во Индија

40
Фото.википедија

Три лица загинаа денес, а повеќе од 10 лица беа повредени во стампедо на популарен хинду фестивал во источна Индија, соопштија локалните власти, пренесе „Танјуг“.

„Имаше ненадејно движење и стампедо на верници за да ги видат хиндуистичките божества, а неколку луѓе се онесвестија или се пожалија на отежнато дишење“, рече Сидарт Шанкар Свејн, висок локален функционер во градот Пури, објави „АП“.

Тој додаде дека 15 лица се однесени во болница, каде што тројца се прогласени за мртви.

Обдукцијата ќе ја утврди причината за нивната смрт.

Останатите 12 повредени подоцна беа отпуштени од болница.

Десетици илјади верници се собраа на фестивалот „Рат Јатра“, кој се одржува секоја година во храмот Шри Гундич во градот Пури.

Највисокиот функционер на индиската држава Одиша, каде што се наоѓа градот Пури, Мохан Чаран Маџи, се извини за инцидентот, велејќи дека ќе се спроведе итна истрага за тоа дали имало некакви безбедносни пропусти за време на фестивалот.

„Таквата небрежност е неприфатлива“, рече тој, додавајќи дека ќе бидат преземени конкретни мерки против одговорните.

ИЗДВОЕНИ