Трговците „без мерка„ ни го кројат домашниот есап

Нема веќе ограничени маржи и трговците од 1 мај веќе слободно ги формираат цените. И покрај нивното ветување дека и по престанување на важење на мерка нема да ги променат цените, сепак граѓаните и синдикатите се скептични, бидејќи многупати досега ја изиграа и нивната и довербата на власта. Производителите ветуваат дека од нивна страна нема да има никакви промени во однос на цените и оти ќе останат досегашните цени. Доколку има некакви промени на цените во малопродажбата тоа ќе биде резултат на повисоки маржи на трговците

477

Мерката за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, што беше во сила од 20 февруари заврши и трговците сега ќе може слободно да ги формираат цените. И покрај тоа што ветија дека и по престанување на важење на мерката нема да ги променат цените, сепак граѓаните и синдикатите не веруваат во ова нивно ветување. Многупати досега трговците ја изиграа довербата на власта и покрај постојаните инспекциски контроли успеаја да ги зголемат цените на храната. Праксата досега покажа дека откако ќе се тргнат мерките, цените се зголемуваат за неколку денари. Надлежните цврсто стојат на ставот дека тоа нема да се случи и се заканија со продолжување и проширување на мерката.

Производителите ветуваат дека од нивна страна нема да има никакви промени во однос на цените и оти ќе останат досегашните цени.

-Цените на лебот, брашното и на останатите пекарски производи нема да се зголемат и по завршување на владината мерка за ограничување на маржите. И покрај тоа што трошоците на суровините и струјата се променливи, односно понекогаш се качуваат, сепак ќе гледаме да ги задржиме моменталните цени. Обично цените се менуваат пред жетвата, сега се ближи жетвата и во зависност од цената на пченицата ќе ги формираме и цените. Но, до септември-октомври, доколку нема некои посериозни нарушувања како војни, не очекуваме никакви промени во однос на цените на производите од пекарската индустрија, изјави за весникот ВЕЧЕР, Горан Малишиќ претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.

Тој додава дека ако има некакви промени на цените во малопродажбата, тоа ќе биде од страна на трговците, а не на производителите.

Сојузот на синдикатите на Македонија апелираат цените да останат исти за да може да може барем да се задржи сегашниот стандард на граѓаните.

-Со оглед на тоа што досега праксата покажа дека трговците не ги почитуваат договорите ниту со Синдикатот, ниту со Владата и овој пат постои можност повторно да ги качат цените. Да видиме дали трговците ќе останат доследни на она што го ветуваа дека и по престанување на важење на мерката за ограничени маржи нема да ги менуваат цените. Во изминатиот период цените се зголемуваа вештачки и покрај тоа што немаше реална потреба за тоа. Така за една година минималната потрошувачка кошница се зголеми за 6.000 денари. Поради тоа ние баравме и платите да се зголемат за исто толку за да се задржи стандардот, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски од ССМ.

Граѓаните кои пазареа деновиве забележаа дека некои производи се поскапени за два-три денари и оти секојдневно има зголемување на цените на дел од основните прехранбени производи.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека ќе има засилени контроли и кај производителите, кај дистрибутерите и кај трговците за да се види каде се прават трикови со маржите.

Опозициската СДСМ пак ја критикува власта дека со ваквите мерки само импровизира и создава маркетиншки и привремени ефекти, без долгорочно и системско решение за инфлаторниот притисок. Сега, велат со враќањето на пазарната слобода, постои сериозен ризик од нов бран поскапувања, особено доколку трговците тргнат кон брзо надоместување на загубените приходи.

Мерката за ограничување на маржите важеше од 20 февруари до 30 април и опфати 102 групи производи, со ограничување од 5 до 15 отсто зависно од категоријата. Осум основни намирници добија и највисока дозволена цена. Владата ја оцени мерката како успешна, со дефлација од 1,3 отсто кај храната во март, но оттаму најавија дека анализата за април ќе биде клучна дали ќе се воведе ново ограничување или ќе се остави пазарот сам да ги регулира цените. (А.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ