недела, јули 5, 2026
Дома СВЕТ Трамп за погребот на Хамнеи: Еден истрел и можеме да ги елиминираме...

Трамп за погребот на Хамнеи: Еден истрел и можеме да ги елиминираме сите!

1
EPA/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го следи погребот на поранешниот ирански врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен на 28 февруари, првиот ден од војната во заедничка американско-израелска операција, истовремено најавувајќи продолжување на дипломатските активности на Блискиот Исток и можна средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во изјава за Аксиос, Трамп рече дека Иранците „молат да се постигне договор“, но дека двете страни одлучиле да направат пауза од една недела во преговорите додека не завршат настаните околу погребот на Хамнеи.

Според него, ниту една страна нема да преземе воена акција во тој период.

– Сите се таму. Еден истрел и можеме да ги елиминираме сите, но нема да го сториме тоа затоа што тогаш нема да имаме со кого да преговараме – рече Трамп.

Американскиот претседател додаде дека бил изненаден кога видел некои Иранци како плачат за време на погребот на поранешниот лидер.

– Мислев дека луѓето го мразат Хамнеи. Можеби тоа беа лажни солзи – рече Трамп.

Зборувајќи за односите со Израел, Трамп рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го замолил за средба во Белата куќа и дека средбата би можела да се случи наскоро.

– Се сложуваме многу добро. Нетанјаху знае кој е шеф – рече Трамп во телефонска изјава за Аксиос.

Кабинетот на израелскиот премиер објави дека Нетанјаху го повикал Трамп за да му ја честита 250-годишнина и Денот на независноста на Соединетите Американски Држави.

– За време на разговорот, премиерот рече дека Соединетите Американски Држави се гарант на глобалната слобода и дека Израел многу ги цени блиските односи меѓу двете нации. Премиерот Нетанјаху и претседателот Трамп се согласија наскоро да се сретнат во Соединетите Американски Држави, се вели во соопштението.

ИЗДВОЕНИ