Наместо претходно најавената такса од 20%, САД ќе потпишуваат трговски и инвестициски договори со земјите од Персискиот Залив.
Ормускиот теснец е целосно отворен за сите освен за Иран, а САД ќе воведат целосна блокада на бродовите што пловат кон или од иранските пристаништа, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека наместо претходно најавената такса од 20%, ќе бидат потпишани трговски и инвестициски договори со земјите од Персискиот Залив.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп изјави дека нафтата тече „како никогаш досега“, благодарение, како што рече, на моќта на американската војска.
Тој посебно ги пофали американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, претседателот на Здружениот генералштаб Ден Кејн и командантот на Централната команда на САД, адмирал Бред Купер.
„Благодарение на нив, и на сите припадници на најмоќната војска во светот, Ормутскиот теснец е отворен за сите бродови, освен за Иран, поради нивното лажливо, насилно и злонамерно раководство, кое ја води таа земја на пат кон целосно уништување“, рече Трамп.
Според него, САД затоа ќе воведат целосна блокада, но само на бродови што пловат кон или од иранските пристаништа, или превезуваат стока поврзана со Иран.
Трамп додаде дека, врз основа на она што тој го нарече многу продуктивни разговори со лидерите на Блискиот Исток, одлучил да ја укине американската царина од 20 проценти и да ја замени со трговски и инвестициски договори што различните земји од Заливот ќе ги потпишат со САД.
„Овие инвестиции ќе бидат огромни, но исто така ќе бидат исклучително корисни за нив и нивната иднина. Како што сите знаат, имаме најголема инвестиција во долари во Соединетите Држави од која било друга земја во историјата, но овие нови инвестиции ќе ја направат таа сума уште поголема. Фабриките, производствените капацитети и опремата ќе дојдат во Соединетите Држави во историски размери, што ќе создаде милиони дополнителни добро платени работни места за американските граѓани“, рече Трамп.
Тој рече дека Соединетите Држави повторно победуваат „како никогаш досега“.
„Деновите кога Иран убиваше стотици илјади луѓе, вклучувајќи 52.000 демонстранти, се завршени и, најважно од сè, Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје“, рече Трамп.












