четврток, август 27, 2026
Дома СВЕТ Трамп потврди дека комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец се одвива слободно

Трамп потврди дека комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец се одвива слободно

27
EPA/KEN CEDENO / POOL

Ормускиот теснец отворен за сите бродови кои сакаат легално да поминат низ овој меѓународен воден пат

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека Ормускиот теснец е отворен за комерцијален поморски сообраќај, и покрај продолжувањето на меѓусебните напади меѓу САД и Иран.

Трамп го изјави ова во интервју за телевизијата „Ен-би-си“.

Централната команда на САД (CENTCOM) исто така денес објави дека Ормускиот теснец е отворен за сите бродови кои сакаат легално да поминат низ овој меѓународен воден пат.

Во соопштението, објавено на платформата „Икс“, се наведува дека американските сили се позиционирани и подготвени да обезбедат дека пловидбата низ Ормускиот теснец останува слободна и покрај, како што е наведено, „неоправданата иранска агресија, вознемирување, закани и произволни изјави“.

„Иран не го контролира теснецот. Сообраќајот се одвива без проблеми“, тврди CENTCOM.

Во меѓувреме, Техеран денес објави дека во моментов не е можно да се плови низ Ормускиот теснец поради, како што рече, „неодамнешните нелегални активности на американските воени сили во регионот“.

Иранската управа за Персискиот Залив и Ормускиот теснец соопшти дека сите барања за премин ќе бидат разгледани во согласност со распоредот, а потребните дозволи ќе бидат издадени штом ќе се воспостави стабилност и мир, објави „Ал Џезира“.

Ормускиот Теснец, кој го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море, е еден од најважните поморски патишта во светот за транспорт на нафта и гас.

ИЗДВОЕНИ