Трамп одушевен од кралското семејство, Стармер очекува тие чувства да донесат инвестиции од милијарди фунти

277

На црвен тепих, со топовски оган и поворка со кочии, Британија го пречека американскиот претседател Доналд Трамп, кој својата втора официјална посета на островот ја реализира на покана на британскиот премиер Кир Стармер. Трамп, обожавател на кралското семејство, не го скри одушевувањето што е не само првиот американски лидер, туку и првиот избран политичар двапати поканет во Британија.

Првата средба денеска тој ја имаше со кралот, а за утре е планиран состанок со премиерот Стармер, кој се надева дека ќе ги искористи чувствата на Трамп во корист на Велика Британија, за да го зацврсти „специјалниот однос“ меѓу двете земји, да ги продлабочи економските врски, да обезбеди милијарди долари инвестиции, да разговара за тарифите и да изврши притисок во врска со Украина. Портпаролот на Стармер ја опиша државната посета на Трамп како „историска можност“ во „клучно време за глобалната стабилност и безбедност“. Но, според некои британски медиуми, за разлика од него, 76-годишниот британски крал Чарлс, кој се лекува од рак, не бил воодушевен од идејата повторно да го покани републиканскиот претседател кој беше угостен од неговата мајка, кралицата Елизабета Втора во 2019 година.

Утре дискусиите меѓу Трамп и Стармер ќе се фокусираат особено на неодамна постигнатиот трговски договор што ѝ овозможува на Велика Британија да ги избегне најлошите царини наметнати од Вашингтон. Од посетата, исто така, се очекуваат милијарди фунти нови американски инвестиции во Велика Британија во технологија и вештачка интелигенција, банкарство и нуклеарна енергија. Во вторникот, американскиот гигант „Мајкрософт“ објави инвестиција од 30 милијарди долари (25 милијарди евра), за изградба на „најголемиот суперкомпјутер“ во Велика Британија. И други американски технолошки компании најавија дека ќе потпишат договори, инвестирајќи милијарди долари во Велика Британија.

Трамп, придружуван од сопругата Меланија, пристигна во Лондон под засилени безбедносни мерки. Околу 1.600 полицајци беа распоредени низ градот за да се справат со протестот „Стоп за Коалицијата на Трамп“. Полицијата соопшти дека четири лица се уапсени во вторникот откако фотографии од Трамп со американскиот сексуален престапник Џефри Епштајн осветлија една од кулите на замокот Виндзор. Според американските медиуми, мерките потребни за безбедноста на претседателот за време на неговиот престој во Велика Британија чинат милиони евра и вклучуваат негови лични единици на Тајната служба на САД, како и илјадници локални полицајци. За време на неговата прва државна посета во јуни 2019 година, беа ангажирани повеќе од 6.000 припадници на лондонската полиција, а се проценува дека трошоците изнесуваа околу 3,9 милиони евра. Медиумите објавија дека околу 60 агенти на Тајната служба обично се директно задолжени за личната заштита на претседателот, додека локалната полиција воспоставува кордони, го блокира сообраќајот и го обезбедува воздушниот простор.

Трамп слета на аеродром во Лондон со својот авион „ерфорс оне“, познат како летачка Бела куќа. Авионот е дизајниран да издржи воен напад, а може да се полни со гориво во лет, што значи дека може да лета бесконечно. Тајната служба со воени транспортни авиони во Британија донела и два идентични автомобила „кадилак“,познати како „ѕвер“ и уште неколку други возила. „Ѕверот“ се движи во претседателска поворка која често има повеќе од десетина возила, вклучувајќи полициска придружба, тимови за контранапад и за неутрализација на закани, оклопно возило – комуникациски теренец познат како „роудранер“, медицински тим и новинари.

ИЗДВОЕНИ