Трамп објави војна? „Наскоро почнуваат копнени напади, целта не е само Венецуела“

0
EPA/YURI GRIPAS / POOL

Изјавата на американскиот претседател дојде за време на сесијата со прашања и одговори во Белата куќа, каде што тој исто така рече дека воените напади врз копнени цели во Венецуела, која ја обвинува за наркотероризам, „ќе започнат многу наскоро“.

Разговорот со новинарите следеше по долгиот состанок на кабинетот, на кој Трамп и министерот за одбрана, Пит Хегсет, се обидоа да ја префрлат одговорноста на адмирал на морнарицата за вонсудската егзекуција на двајца преживеани од нападот врз брод за наводна шверц на дрога во септември.

На прашањето дали Венецуела е единствената земја на нишанот на Пентагон, Трамп рече дека секоја земја за која се верува дека произведува дрога за шверц, ја смета за легитимна цел, повторувајќи ја реториката што претходно ја користеше за закана кон Мексико. „Ако дрогата доаѓа преку одредена земја, или преку која било земја, или ако мислиме дека градат фабрики, без разлика дали станува збор за фентанил или кокаин… секој што го прави тоа и го испраќа во нашата земја е предмет на напад. Не само Венецуела“, рече Трамп, додавајќи дека „слушнал“ дека Колумбија „произведува кокаин, дека имаат фабрики за кокаин“.

Потоа Трамп објави дека воената акција во Венецуела е неизбежна, дополнително ескалирајќи го конфликтот што започна со целни напади врз бродови за кои неговата администрација тврдеше дека се вклучени во трговија со дрога, иако без јавно да презентира докази. Конфликтот сега се заканува да ескалира во поширока регионална криза. „Исто така, ќе почнеме да извршуваме копнени напади“, рече тој.

„Знаете, многу е полесно на копно, многу полесно. Ги знаеме рутите што ги користат. Знаеме сè за нив. Знаеме каде живеат. Знаеме каде живеат најлошите и ќе почнеме да го правиме тоа многу наскоро. Штом ќе почнеме, тие бројки драстично ќе се намалат.“ За време на состанокот на кабинетот, Хегсет даде спротивставено објаснување за своите постапки по двојниот напад на 2 септември врз сомнителен брод за дрога, напад што Комисиите за вооружени сили на Претставничкиот дом и Сенатот го истражуваат како евентуално нелегален, објавува „Гардијан“.

Хегсет во вторникот тврдеше дека „го гледал првиот напад“, но дека на крајот „не останал ниту еден или два часа“ после тоа, кога двајцата преживеани, кои сè уште се држеле за остатоците, биле нападнати и убиени во втор напад. Ова е спротивно на неговите изјави за „Фокс њуз“ денот по нападот, кога рече дека ја следел операцијата во реално време, без никакви индикации дека бил сведок само на дел од настанот. Адмиралот кој го нареди вториот напад, Френк М. „Мич“ Бредли, треба да ги информира членовите на конгресните комисии во четврток.

ИЗДВОЕНИ