Трамп објави дека ќе ја намали помошта за Колумбија, го нарече нејзиниот претседател шверцер на дрога

28
EPA/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека ќе ја намали американската помош за Колумбија затоа што претседателот на земјата „не прави ништо за да го спречи производството на дрога“, пренесе „Бета“.

Во објава на социјалните мрежи, Трамп го нарече колумбискиот претседател Густаво Петро „нелегален шверцер на дрога“, кој, како што рече, има многу низок рејтинг на одобрување и е „многу непопуларен“.

Тој го предупреди Петро дека „подобро би било да ги прекине операциите со дрога или САД ќе го сторат тоа наместо него – не на убав начин“.

Објавата е нов знак за тензии меѓу САД и еден од нивните најблиски сојузници во Латинска Америка.

Порано денес, колумбискиот претседател Петро ја обвини американската влада за кршење на поморскиот суверенитет на неговата земја и убиство на рибар за време на воено распоредување во Карибите, што Американците го претставуваат како операција против шверцери на дрога.

САД вчера соопштија дека враќаат во Колумбија и Еквадор двајца преживеани од нападот, шести од почетокот на септември. Најмалку 29 лица се убиени во напади за кои САД велат дека се насочени кон наводни шверцери на дрога. Администрацијата на Трамп ја обвини Колумбија во септември дека не соработува во војната против дрогата, иако Вашингтон во тоа време ја ослободи Колумбија од санкциите што ќе предизвикаа намалување на помошта за земјата.

Колумбија е најголемиот извозник на кокаин во светот, а одгледувањето листови од кока достигна рекордно високо ниво минатата година, според Обединетите нации.

Петро синоќа изјави дека колумбиски рибар е убиен во нападот на 16 септември, и го идентификуваше како Алехандро Каранза, од крајбрежниот град Санта Марија. Тој рече дека Каранза немал никаква врска со трговијата со дрога и дека неговиот брод не функционирал кога бил погоден.

„Функционери на американската влада извршиле убиство и го прекршиле нашиот суверенитет во територијалните води. Колумбискиот брод пловел и имал вклучен сигнал за помош, со еден мотор. Барам објаснувања од американската влада“, напиша Петро.

Петро рече дека го известил канцеларијата на државниот обвинител и побарал од него веднаш да дејствува и да покрене судска постапка пред меѓународните и американските судови. Тој продолжи да објавува низа пораки до рано утрово за убиството.

Вашингтон испрати значајни воени средства во Карибите, вклучувајќи седум бродови и невидливи авиони, претставувајќи го тоа како борба против трговијата со дрога, и изврши најмалку седум напади врз бродови и мали подморници во областа од почетокот на септември, при што загинаа најмалку 27 лица.

Легалноста на овие напади врз осомничени лица во странски или меѓународни води е предмет на дебата и не е потврдена или истражена.

Богота го осудува американското воено присуство во Карибите, кое конкретно е насочено кон Венецуела, чиј претседател Николас Мадуро Трамп го обвинува за водење голема организација за трговија со дрога во САД.

ИЗДВОЕНИ