Украина е под „многу силен напад“ и мора да може да се одбрани, вели Доналд Трамп.
САД сепак ќе испратат дополнително оружје во Украина, и покрај минатонеделната најава дека Вашингтон ќе ги прекине испораките на оружје во Киев, објави во вторник американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе „Би-би-си“.
„Не сум задоволен“ од постапките на рускиот претседател Владимир Путин и Украина е под „многу силен напад“, додаде Трамп за време на состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
САД првенствено ќе испратат „одбранбено оружје“ во Киев, тврди американскиот претседател.
Ракетите за воздушна одбрана „Патриот“ и прецизната артилериска муниција наводно биле на списокот на оружје чија испорака била суспендирана минатата недела.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше испораките да продолжат, додавајќи дека американските системи „Патриот“ се „вистински спасители“ во таа земја за време на војната.
Одлуката за суспендирање е донесена за да се „стават интересите на Америка на прво место“ и да се пренамени воената помош на други земји, соопшти Белата куќа.
Промената на ставот на Трамп следеше по рускиот напад со беспилотни летала и ракети врз украинските градови, вклучувајќи го и Киев.
Во еден од нападите врз украинската престолнина во четвртокот загинаа три лица, изјавија локалните власти.
Киев мора да има способност да се одбрани, рече Трамп во понеделникот.
„Ќе испратиме повеќе оружје. Мораме… Тие се под многу силен оган во моментов“, рече тој за време на заедничката прес-конференција со Нетанјаху.
„Разочаран сум што претседателот Путин не ги запре (нападите)“, додаде тој.
САД ќе испратат „дополнително одбранбено оружје“ во согласност со „насоките на Трамп“, кратко соопшти Пентагон.
Со оглед на изминатата Недела на неизвесносат, потегот на Вашингтон би можел да биде олеснување за Украина, вели Пол Адамс, дописник на „Би-би-си“ кој известува од Киев.
Украинските власти предупредија дека прекинот на испораките на оружје би можел да ја поткопа способноста на земјата да се одбрани од зголемените воздушни напади и офанзиви од руските трупи на фронтовските линии.
Трамп и Зеленски разговараа за „можностите за подобрување на воздушната одбрана и се согласија да соработуваат во воздушната одбрана“, изјави украинскиот претседател кон крајот на минатата недела.
Војната во Украина започна во февруари 2022 година, кога Русија започна целосна инвазија на соседната земја.
Преговорите за прекин на огнот се заглавени по неколку обиди на Доналд Трамп да посредува меѓу Киев и Москва.
По телефонскиот разговор со Путин минатата недела, Трамп рече дека „нема напредок“ во мировните преговори и дека „не изгледа дека војната ќе заврши наскоро“.
Неколку часа по нивниот разговор, Русија започна напад врз Киев со 539 беспилотни летала и 11 ракети, но цел беа и регионите Суми, Харков, Дњепропетровск и Чернихив.
Зеленски ги повикува меѓународните сојузници, првенствено САД, да го зголемат притисокот врз Москва и да воведат дополнителни пакети санкции.