Трамп најави дека ќе преземе чекори за отстранување на странците „што не припаѓаат тука“, oткако Авганистанец пукаше во двајца гардисти

127

Службата за државјанство и имиграција на САД соопшти дека е суспендирана обработката на сите барања од авганистански имигранти во исчекување на прегледот на „протоколите за безбедност и проверка“. Двајцата ранети гардисти се во критична состојба, а напаѓачот, именуван како Рахманула Лаканвал, „криминалец од Авганистан“, кој е ранет и е во болница, одбива да соработува со полицијата. Тој дошол во САД во 2021 година заедно со десетици илјади Авганистанци кои беа примени по повлекувањето на Америка од Авганистан под водство на Џо Бајден.

 

САД ја суспендираа обработката на сите барања од авганистански имигранти, откако Авганистанец беше идентификуван како осомничен за пукањето во двајца војници на Националната гарда во близина на Белата куќа во Вашингтон во средата среде бел ден. Службата за државјанство и имиграција на САД соопшти дека одлуката е донесена во исчекување на прегледот на „протоколите за безбедност и проверка“. Претседателот на САД, Доналд Трамп, како што пренесе „Би-би-си“, рече дека нападот бил „акт на терор“, додавајќи дека ќе преземе чекори за отстранување на странците „од која било земја кои не припаѓаат тука“.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, вчера потврди дека двајцата ранети гардисти, кои се од Националната гарда на Западна Вирџинија, се во критична состојба. Министерството за внатрешна безбедност информира дека осомничениот за пукањето пристигнал во САД од Авганистан во септември 2021 година. Тој е именуван како Рахманула Лаканвал, „криминалец од Авганистан“. Службено лице изјави за „Си-би-ес“ дека тој аплицирал за азил во 2024 година, а неговото барање било одобрено оваа година. Се смета дека 29-годишникот влегол во земјата во рамки на програмата наречена операција „Добре дојдовте кај сојузниците“, заедно со десетици илјади Авганистанци кои беа примени под посебна заштита за имиграција, по хаотичното повлекување на САД од Авганистан во 2021 година под водство на поранешниот претседател Џо Бајден. По пукањето, Трамп од Флорида изјави дека „сега мора повторно се испита секој странец што влегол во нашата земја од Авганистан под водство на Бајден“. Тој вети дека неговата администрација ќе се погрижи осомничениот „да ја плати најстрогата можна цена“ за „чин на зло, чин на омраза и чин на терор“.

Нападот се случил околу 14:15 часот по источно време (19:15 часот по Гринич) во средата, во близина на метростаницата Фарагут сквер. Војниците биле на патрола во близина на аголот од 17. и 1. улица, што е прометно место каде што одат на ручек канцелариските работници. Заменик-шефот на Метрополитенската полиција, Џеф Керол, изјави дека осомничениот дошол од зад аголот и веднаш почнал да пука во војниците кои биле фатени во заседа. Други членови на Националната гарда што биле во близина го слушнале пукањето и интервенирале, држејќи го осомничениот додека не пристигнала полицијата. Осомничениот бил застрелан четирипати, изјавиле извори од органите на редот за „Си-би-ес“. Според полициски извори, осомничениот не соработува со истражителите.

По нападот, во Вашингтон се испратени уште 500 членови на Националната гарда.

ИЗДВОЕНИ