Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека американските воздушни напади врз Иран ќе продолжат во наредните денови, предупредувајќи дека тие ќе станат сè поинтензивни ако Техеран не се согласи на договор, додавајќи дека во моментов не сака преговори со Иран.
Во исто време, американскиот претседател изјави дека контактите меѓу двете страни не се прекинати и дека иранските претставници сè уште се обидуваат да постигнат договор.
„Пораката беше едноставна – мора да постигнете договор или нема да ви остане ништо“, рече Трамп во среда, додавајќи дека верува оти Иран нема друг избор освен да преговара.
Трамп, во интервју за Фокс њуз, рече дека американските сили ќе продолжат со нападите „сè додека не процени дека е доста“, оценувајќи дека иранските воени капацитети се сериозно ослабени.
„Единствениот начин да се преговара со нив е преку демонстрација на воена сила“, рече Трамп.
Тој рече дека главните цели на американската операција биле да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје, да се зачува слободата на навигација низ Ормутскиот теснец и дополнително да се ослабат воените капацитети на Иран.
Претседателот на САД тврди дека дури и ако нападите бидат веднаш запрени, на Иран ќе му бидат потребни децении за да ја обнови својата уништена воена инфраструктура.
Зборувајќи за можните следни цели, Трамп рече дека енергетската инфраструктура на Иран досега не е цел, но таа опција не е исклучена.
„Ја оставам енергетската инфраструктура за крај. Ќе ги удриме многу силно вечерва, и ќе ги удриме многу силно во следните неколку ноќи, а ќе биде уште полошо следната недела ако не дојдат на преговарачка маса“, рече Трамп, додавајќи дека потенцијалните цели би можеле да вклучуваат електрани и мостови.
Кога беше прашан за можноста за копнена операција, Трамп не сакаше да даде детали, но рече дека има „други кои би можеле да водат таков вид кампања“.
Трамп рече дека договорот за нуклеарната програма на Иран, постигнат за време на администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама, е „безвреден документ“ кој, како што тврди, довел до развој на нуклеарно оружје.
Тој рече дека американските разузнавачки агенции внимателно ги следат сите познати ирански нуклеарни објекти, вклучително и локација за која во последните денови се шпекулираше дека е дел од нуклеарната програма, предупредувајќи дека ќе биде нападнат доколку се регистрира каква било значајна активност.
Зборувајќи за поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, Трамп рече дека преминот е отворен за меѓународна пловидба, но дека е блокиран за иранските бродови.












