Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска изрази „целосна поддршка“ за кандидатурата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за уште еден мандат, опишувајќи го како силен, храбар и исклучителен лидер, како и клучен партнер на Соединетите Држави во борбата против Иран.
„Ве молам, сметајте го ова писмо за моја целосна и безусловна поддршка за Биби Нетанјаху во претстојната трка за премиер на Израел. Биби Нетанјаху никогаш нема да ве разочара!“ – напиша Трамп во објава на својата платформа за социјални медиуми, „Трут соушал“, обраќајќи им се на граѓаните на Израел.
Трамп го опиша Нетанјаху како „голем премиер-воин“ и уште поголем партнер во постигнувањето мир преку спротивставување на Иран, истакнувајќи дека Иран веќе 51 година извикува пароли како „Смрт за Израел, смрт за Америка“, истовремено заканувајќи се со уништување на она што го нарекува „мал и голем сатана“, пренесе „Танјуг“.












