Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека сопственикот на „Спејс-икс“ (SpaceX), Илон Маск, го вратил пристапот на Украина до системот „Старлинк“ (Starlink), но одби да одговори на прашањата на новинарите дали разговарал за ова прашање со него.
Претходно, весникот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски официјални лица, објави дека Трамп му се јавил на Илон Маск и побарал од него да ги укине ограничувањата за користење на системот „Старлинк“ во Украина.
Според американски и украински претставници, цитирани од весникот, системот „Старлинк“ почнал да функционира понормално набргу по разговорот меѓу Трамп и Маск.
Претседателот Володимир Зеленски во четвртокот изјави дека брзините на „Старлинк“ во Украина сè уште не се вратени на претходното ниво, додавајќи дека се надева оти во наредните денови ќе разговара со американскиот државен секретар.
Во средата, Марко Рубио изјави дека одлуките во врска со пристапот на Украина до „Старлинк“ зависат од матичната компанија „Спејс-икс“ и нејзиниот извршен директор Илон Маск – а не од Белата куќа.
Украина го користи „Старлинк“ за комуникација на бојното поле и за управување со беспилотни летала (дронови).
Ограничувањето на оваа сателитска услуга го попречи изведувањето на напади и мисии за воздушна одбрана со употреба на дронови, насочени против Русија, пренесува „Танјуг“.












