Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на извлекувањето на групите за Светското првенство во 2026 година во Вашингтон во петок, потврди денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
„Во петок, претседателот Трамп ќе присуствува на извлекувањето на групите за Светското првенство во Центарот Кенеди“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за новинарите.
Извлекувањето на групите ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон, со почеток во 18 часот по средноевропско време. Носителските екипи се САД, Канада и Мексико, како и Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија и Германија.
12 групи од по четири екипи ќе бидат извлечени во Вашингтон. Во времето на извлекувањето ќе бидат познати 42 учесници на Светското првенство, додека преостанатите шест ќе бидат одредени во март преку дополнителни квалификациски мини-турнири.
Еден ден подоцна, ФИФА ќе го објави и распоредот на натпреварите за Светското првенство. Групните фази ќе бидат објавени во петок, а ажурираниот распоред со точни стадиони и термини на натпревари ќе биде објавен во сабота, 6 декември.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ќе одржи презентација заедно со поранешни играчи, а се очекува да присуствуваат и претставници од 42-те екипи кои веќе се квалификувале.
Светското првенство во 2026 година – првото на кое ќе учествуваат 48 екипи ќе се одржи во 16 градови во три земји, со речиси два милиони продадени билети само досега.
Турнирот во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада започнува на 11 јуни, а финалето е закажано за 19 јули во Њу Џерси.
Претседателот на САД ѝ честиташе на ФИФА за нејзиниот придонес во развојот на фудбалот низ Америка во јули оваа година, за време на Светското клупско првенство во Соединетите Американски Држави.
„Тие се снаоѓаат фантастично. Тоа е спорт во развој. Одличен спорт“, рече претседателот Трамп во интервју за DAZN.
„Мислам дека фудбалот ќе биде многу „жежок“ овде. Веќе е. Мислам дека ќе биде исклучително популарен. Станува збор за единство, зближување на луѓето и многу љубов меѓу земјите. Претпоставувам дека тоа е најинтернационалниот спорт во светот, па може да ја обедини планетата“, додаде Трамп.












