
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник ја повика Украина да постигне договор за „брзо“ завршување на војната со Русија, пред новите разговори закажани за викендот во Мајами.
„Тие се блиску до нешто, но се надевам дека Украина ќе дејствува брзо. Секој пат кога ќе потрае предолго, Русија се предомислува“, изјави Трамп пред новинарите во Овалната соба, објави „Ројтерс“.
Според Белата куќа, се очекува специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, да се сретнат со руската делегација во Мајами, како дел од напорите на Вашингтон да поттикне договор меѓу Москва и Киев.
Виткоф и Кушнер претходно се сретнаа со украинската делегација за време на дводневните разговори во Берлин во недела и понеделник.
Американските претставници велат дека имаат впечаток дека страните не се далеку од договор, иако клучното прашање останува барањето на Русија да задржи дел од украинската територија во какво било решение, објавува „Танјуг“.
Според изворите, предложениот мировен договор би можел да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции моделирани според Член 5 на НАТО, кој предвидува колективна одбрана.











