Американскиот претседател Доналд Трамп во Доха рече дека Индија ѝ понудила на Америка трговски пакт, кој би вклучувал „практично нула царини“ за голем број американски производи.
Индиските преговарачи искажаа подготвеност за понатамошно редуцирање на давачките за американски производи, вклучувајќи и воведување на нула даноци за некои земјоделски добра, со цел да се зголеми трговијата со САД на 500 милијарди долари до 2030 година. Оваа цел беше дефинирана за време на средбата помеѓу индискиот премиер Нарендра Моди и претседателот Трамп во февруари, пренесува Бизнис стандард.
Сепак, индиската влада подвлече дека официјално не се заложила за намалување на царините, истакнувајќи дека разговорите сѐ уште траат.
Паралелно со ова, Европската Унија и Соединетите Американски Држави постигнаа договор за засилување на преговорите за евентуален трговски договор.
Трамп говореше на состанок со деловни лидери во Доха, вклучувајќи ги и челниците на компаниите „Боинг“ и „Џе Аероспејс“, еден ден откако обелодени серија деловни зделки, вклучувајќи ја и нарачката од Катар за 160 комерцијални авиони „Боинг“.
Како што е соопштено, Трамп денес ќе замине за Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати, во завршната фаза од неговото патување на Блискиот Исток, кое ќе заврши утре.