Американскиот претседател Доналд Трамп откри дека побарал од „Гугл“ (Google) да го преименува Атлантскиот Океан во „Океан на Трамп“ (Trump Ocean), но, според него, наишол на неочекувано одбивање.
„Им се јавив на ’Гугл мапс‘ (Google Maps) и побарав да го променат името на Атлантскиот Океан во ’Океан на Трамп‘“, раскажа американскиот претседател, опишувајќи го наводниот разговор со Сундар Пичаи, извршниот директор на „Гугл“.
„Тој ми рече: ’Не, не, не. Овој пат нема да го направам тоа. Океаните се нешто поинакво, господине. Тие се протегаат покрај голем број земји. Ве молам, не барајте од нас да го направиме тоа‘“, пренесе Трамп, а потоа заклучи: „Веројатно само ќе се откажеме од тоа. Нека си остане Атлантски Океан“.
Оваа изјава е продолжение на необичната кампања на Трамп за преименување на географски поими. Уште во јануари 2025 година, тој издаде извршна наредба со која Мексиканскиот Залив се преименува во „Американски Залив“, а „Гугл мапс“ го усвои новото име за корисниците во Соединетите Држави. Во август оваа година, Трамп исто така нареди преименување на езерото Онтарио – кое го делат САД и Канада – во „Американско Езеро“.
Американскиот претседател и претходно ја спомнуваше можноста Атлантскиот или Тихиот Океан да го носат неговото име. За време на предизборен собир во Џорџија на 16 октомври, тој тврдеше дека дури му испратил на „Гугл“ мапа на која пишувало „Океан на Трамп“, но дека претставниците на компанијата го одбиле.
Трамп нагласи дека само се шегувал, иако додаде оти тоа не е најлошата идеја што некогаш ја слушнал. Сепак, останува нејасно дали разговорот со раководството на „Гугл“ навистина се случил. Компанијата јавно не ја потврди верзијата на претседателот за настаните. „Гугл“ генерално нагласува дека промените на географските имиња на своите мапи ги спроведува врз основа на официјални државни извори, а не врз основа на лични барања на политичари.












