Десетгодишно дете и две жени загинаа денес додека се обидувале да го преминат Ламанш од Франција во преполн гумен чамец.
Според сите сознанија, тие загинале во стампедо што настанало откако бродот, кој превезувал повеќе од 100 луѓе, претрпел дефект, соопштија француските власти.
Таканаречениот „такси-брод“ претрпел дефект во близина на северниот брег на Франција, а патниците почнале да повикуваат помош.
Француски брод за поморско спасување ги презел патниците, а тим за интензивна нега, донесен со хеликоптер, констатирал смрт кај детето и двете жени.
Во посебно соопштение, регионалната влада наведе дека се претпоставува оти загинатите жени имале околу 30 години.
„Според првичните наоди од истрагата, се чини дека смртните случаи се предизвикани од стампедо. Сепак, судска истрага ќе ги утврди точните околности на трагедијата“, се вели во соопштението.
Истрагата ќе ја води обвинителот од пристанишниот град Булоњ во северна Франција.
На уште девет лица им била потребна медицинска помош, се наведува во соопштението, пренесе „Бета“.












