Посредниците продолжуваат да работат со Иран и САД на постигнување договор за прекин на непријателствата и отворање на Ормускиот теснец, иако американскиот претседател Доналд Трамп јавно го отфрли најновиот ирански предлог, изјавија за АП тројца регионални и еден американски функционер.
Индиректните преговори треба да продолжат денес, во момент кога конфликтот – кој предизвика глобална економска штета и тешко го погоди Иран – влегува во својот осми месец. Бројните обиди да се обезбеди безбеден премин на бродовите низ еден од најважните светски пловни патишта беа неуспешни.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи остана во Њујорк по минатонеделниот собир на светските лидери на Генералното собрание на ОН. Тој изјави дека очекува „конечен“ одговор од посредниците во врска со тоа што Трамп го отфрли нивниот предлог. Катар е еден од посредниците.
И покрај често воинствената реторика на Трамп, тој останува отворен за невоено решение на конфликтот доколку такво може да се постигне, изјави за АП висок американски функционер. Сепак, функционерот додаде дека постојат сомнежи дали Иран може да биде убеден конечно да ги исполни условите на Трамп за договор.
Функционерите зборуваа под услов на анонимност бидејќи не беа овластени јавно да ги коментираат дипломатските преговори што се одвиваат зад сцената. Двајца функционери кои разговараа со АП потврдија дека посредниците работат со двете страни на предлог што би вклучувал повторно отворање на теснецот, укинување на американската блокада и последователно укинување на санкциите.
Според нацрт-текстот за кој се разговара, теснецот би се отворил повторно во согласност со посебен договор што Иран го договара со Оман – земја лоцирана на спротивната страна од теснецот – и не би подразбирал наплата на патарина, услов што Техеран претходно го бараше. Целта на тој договор е привремено управување со сообраќајот на пловниот пат, кој пред војната се сметаше за меѓународен.
И покрај јавните коментари на Трамп, САД официјално не го отфрлиле тековниот предлог, што сугерира дека неговите изјави можеби се дел од преговарачка тактика, изјавија функционерите. Регионален претставник изјави дека САД бараат отстапки од Иран во врска со неговата нуклеарна програма, вклучително и дозвола за влез на инспектори во земјата. Според меморандумот за разбирање потпишан од двете страни во јуни – кој пропадна за само неколку дена – прашањето за нуклеарната програма на Иран требаше да се решава во текот на период од 60 дена.
Еден претставник укажа на позитивни сигнали од двете страни, друг спомена дека за време на викендот е постигнат „мал напредок“, а трет изјави дека посредниците продолжуваат со напорите за „ублажување“ на ставовите на двете страни.
И САД и Иран се соочуваат со економски тешкотии поради војната. САД се загрижени поради високите цени на нафтата, предизвикани од иранските напади врз бродови во теснецот, како и од поморската блокада и сè посилните американски санкции што ја попречуваат продажбата на нафта од Техеран. Цената на суровата нафта од типот „Брент“, која служи како меѓународен репер, е над 108 долари за барел.
Во последните недели се отвори нов фронт, откако бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, зедоа на нишан уште еден витален воден пат: теснецот Баб ел-Мандеб, лоциран на јужниот влез во Црвеното Море. Ова врши дополнителен притисок врз глобалните пазари на енергенси, пренесе „Бета“.












