Традиционално, и оваа година АКУД „Мирче Ацев“ го одржa својот годишен концерт со богата културно-уметничка програма. На сцената на Драмскиот театар во Скопје, вчеравечер, пред бројната публика, се одиграа „Долна Преспа“, „Малешевка“, „Тресеница“, „Жетварки“, „Надигранка“, „Пирин“ и уште многу други традиционални ора. Со тоа, АКУД „Мирче Ацев“ уште еднаш покажа дека е расадник на млади таленти кои ја чуваат и ја негуваат традицијата.

Покрај настапот на игроорците од најмладата група до највозрасната група, свој печат на концертот даде и оркестарот на културно-уметничкото друштво со изведбата на познатите ора на традиционалните инструменти. Неизбежно е да се издвои и изведбата на неколку песни на кавал која им ја стопли душата на многумина во публиката.

Настанот предизвика големо внимание, што можеше да се види од преполната сала и од огромниот аплауз, а радува и фактот што како на сцената, така и во публиката можеа да се видат многу млади, што е дополнителен доказ дека традицијата се сака, негува, почитува и се пренесува на идните генерации. Истовремено, тоа говори дека кај македонскиот народ сè уште постои интерес за фолклорот и за зачувување на традицијата.

– Оваа вечер на нашите млади, на иднината која фасцинира преплетена со македонскиот фолклор пренесен преку синхронизираните чекори, а извезен со нотите на прекрасниот оркестар и со насмевките кои пленат, нè врати во минатото и ја оживеа традицијата. Срцата трепереа во еден ритам, а љубовта продираше низ публиката, беше еден од коментарите на присутните во салата на Драмскиот театар.

Најмладите генерации ни покажуваат дека традицијата се негува и живее и дека преку фолклорот треба да ги чуваме традицијата и корените. И покрај тоа што сцената беше мала да ги собере големите игроорни групи, сепак, публиката беше задоволна и си замина со душа полна со емоции кои долго ќе траат.

ИЗДВОЕНИ