„’Ткажалки’ не е само збирка поезија – тоа е поетски споменик на личното и на колективното страдање, но и сведоштво за силата на јазикот да ги сочува тагата, љубовта и достоинството“, се посочува во образложението за поетска награда „Даница Ручигај“, која годинава ја доби Александра Јуруковска, на конкурсот за најдобра необјавена поетска книга за 2025 година. „Ткажалки“ на книжевната критичарка и новинарка Јуруковска ќе биде првиот наслов од нововостановената поетска едиција на Друштвото на писателите на Македонија, насловена „Даница Ручигај“
– Кога на свои 20 години првпат ја прочитав поезијата на Даница Ручигај – си помислив колку девојкава била пред своето време! Кога деновиве повторно ја читав за да знам дали можам да го оправдам признанието со нејзиното име, си помислив – дека таа е и пред моето време, пред многумина од нас и дека впрочем ни дала поетска иднина што треба да ја негуваме!, рече Александра Јуруковска на која денеска во Друштвото на писателите на Македонија ѝ беше врачена наградата „Даница Ручигај“, за најдобра необјавена поетска книга за 2025 година, за ракописот „Ткажалки“.
– Ова е моја прва книжевна награда, доаѓа од еснафот, од Друштвото на писателите на Македонија и тоа за мојот прв поетски ракопис „Ткажалки“. Во моите 30-ина скромни песни има и тажење и кажување, и лажење и копнеж, но има и ткаење и вткајување во најубавиот поетски јазик за мене – македонскиот. Ова е и мојот ткаеж за него!, додаде книжевната критичарка и новинарка од областа на културата Јуруковска заблагодарувајќи се за наградата и на сите оние кои овозможуваат да се чува споменот на Даница Ручигај.
–Неколумина драги пријатели, кога ми честитаа по објавувањето на веста, ми рекоа: Не знаев дека пишуваш поезија?! Одговорав – не знаев ни јас! И вистина, до многу скоро, иако пишував стихови, ги пишував за себе и не мислев дека треба да ги објавам. Ме охрабрија повторно неколку драги пријатели, прекрасни поети на кои им испратив неколку свои песни. А потоа дојде и Конкурсот за наградата „Даница Ручигај“ и видоизменетиот концепт – дека се наградува необјавена книга, па куражот ми се зголеми. Издавањето на наградената книга е исто така прекрасен потег да живее нејзиното творештво, преку востановување на цела една нова идеја со нејзиното име, додаде наградената авторка.
Инаку, „Ткажалки“ на Александра Јуруковска ќе биде првиот наслов од нововостановената поетска едиција на Друштвото на писателите на Македонија, насловена „Даница Ручигај“.
За победничкиот ракопис на објавениот конкурсот „Даница Ручигај“ за 2025 на ДПМ одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Лулзим Хазири (претседател), Весна Ацевска и Сузана Мицева (членки).
– Поетскиот првенец „Ткажалки“ од Александра Јуруковска претставува своевидно изненадување со својата спонтана поврзаност со исповедниот пристап на лирското јас во обработката на темите и мотивите, карактеристичен за Даница Ручигај и за женското писмо, но притоа авторката не пее за љубовта туку за тагата. Овие песни не се само лирски обраќања до загубеното, туку се и женски отпор, сведоштво, и внатрешна борба против заборавот. Јуруковска ја употребува формата на тaжалка – вековна усна традиција на жалење и спомнување – како основа за истражување на личната и колективната болка, женската тишина, но и пркосот на смртта што се открива низ говорењето и плачот. Насловот на збирката е кованица од тага/тагува и кажува, или може да се преведе и како обид да се изговори тагата, се посочува во образложението на жири-комисијата.
Се истакнува дека суштината на оваа поезија лежи во способноста личната тага да се претвори во колективно искуство, а индивидуалната меморија да стане дел од културната.
– Поетскиот јазик на Јуруковска во триесетте песни на „Ткажалки“ е сплетен претежно од зборови карактеристични за нашата современост, но и со зборови што произлегуваат од нашата јазична традиција, обојувајќи ги стиховите со своевидна патина. На тој начин, авторката внесува лична нота во современата македонска поезија. „Ткажалки“ е книга што нуди катарза, но и потсетување: дека зборот е единствената трага што може да ја победи минливоста. Со овој ракопис, Александра Јуруковска се потврдува како поет со силен израз, јасен став и бескомпромисна искреност. „Ткажалки“ не е само збирка поезија – тоа е поетски споменик на личното и колективното страдање, но и сведоштво за силата на јазикот да ги сочува тагата, љубовта и достоинството, се додава во образложението.
Александра Јуруковска е авторка на книгите: „Ткаење на текстот“ (новинска критика; Силсонс, 2014), „Медиумскиот егзил на книжевноста“ (интермедијалната студија; Авант прес, 2018) и „2 минути и 40 реда“ (радио и новинска критика; ПНВ публикации, 2020), како и на бројни есеи и студии од сферата на книжевната критика, есеистика и теорија. Член е на ДПМ од 2019 година.
Како што е познато, наградата „Даница Ручигај“ го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, која трагично загина во Скопскиот земјотрес во 1963 година. ДПМ го востанови ова признание во 2015 и досега се доделуваше на објавена поетска збирка напишана од авторка. Пред две години наградата беше отворена за сите поетски книги од членовите на ДПМ, а од оваа година, во согласност со одлуката на Управниот одбор, се доделува за најдобар необјавен поетски ракопис. Возобновувањето на концептот на наградата доаѓа на десетгодишнината од нејзиното востановување. Наградата се состои од плакета и објава на наградениот ракопис. (Н.И.Т.)