Министерството за социјална политика, демографија и млади нашло решение за сместување на бездомните лица што може да се сретнат на повеќе локации во Скопје. Сместувањето ќе се решава по примерот на Штип, каде што за ваквите лица се изградени типски куќи во населбата Мирјанина Црква. Ова вчера го најави заменик- министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски
Министерството за социјална политика, демографија и млади нашло решение за сместување на бездомните лица што може да се сретнат на повеќе локации во Скопје. Сместувањето ќе се решава по примерот на Штип, каде што за ваквите лица се изградени типски куќи во населбата Мирјанина Црква. Ова вчера го најави заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.
Тој додаде дека, освен кај поранешната депонија „Вардариште“, има бездомни лица во Визбегово, во Бутел, како и во поранешниот дом „Ранка Милановиќ“.
Притоа, информираше дека била испратена информацијата до Владата со конкретни чекори и активности, како и со комплетен акциски план.
– Не е само да бидат дислоцирани луѓето од овие локации. Треба да се изградат станбени капацитети во кои ќе се сместат лицата од овие локации, кои немаат свои домови. За тоа, треба да се обезбедат пари со овој акциски план – посочи Велковски.
Тој наведе дека овој процес е малку подолготраен, бидејќи е поврзан со решавањето на станбеното прашање на бездомните лица.
Велковски уште еднаш како позитивен пример го посочи Штип, каде што во новите типски куќи, изградени со средства од ЕУ и од буџетот на Општина Штип, веќе се вселени 36 семејства, кои живееја во супстандардни услови, на две локации во Штип.
Во понеделникот вечерта, жителите од населбите Аеродром и Ново Лисиче повторно се пожалија на мирис од изгорени кабли, за кој претпоставуваат дека доаѓал од поранешната депонија „Вардариште“, каде што се населени бездомни лица, кои постојано палат и предизвикуваат проблеми, загадувајќи го воздухот. Меѓутоа, од ЦУК велат дека до нив не пристигнала поплака од граѓани.












