
Кинеската апликација „ТикТок“ планира да инвестира една милијарда евра во изградба на својот прв центар за податоци во Финска, потврди портпаролот на компанијата.
Портпаролот одби да даде дополнителни детали, но ги потврди информациите претходно откриени на Ројтерс од два анонимни извори запознаени со ова прашање.
Кабинетот на финскиот премиер не одговори веднаш на барањето за коментар.
Компанијата „ТикТок“, кој има повеќе од 175 милиони корисници во Европа, планира да објави повеќе центри за податоци во наредните години, велат изворите.
Компанијата, во сопственост на кинеската „БајтДенес“ (ByteDance), е под лупа и во Европската Унија и во Соединетите Американски Држави, бидејќи некои критичари се загрижени дека кинеската влада би можела да пристапи до податоците на европските граѓани кои го користат „ТикТок“.
Неколку земји, Европскиот парламент, Европската комисија и други им забранија на своите вработени да ја имаат апликацијата „ТикТок“ на своите службени телефони поради загриженост за приватноста на податоците, а американската влада ѝ нареди на „ТикТок“ да ги продаде своите операции во САД, наведувајќи загриженост за националната безбедност.
Нордиските земји станаа привлечни дестинации за центри за податоци за технолошки компании од „Мајкрософт“ до „Мета“, бидејќи пониските температури ги намалуваат трошоците за енергија, а достапноста на евтина електрична енергија што не произведува штетни емисии е исто така важен фактор, додава британската агенција, пренесува Танјуг.