Терористички напад во Колорадо: Маж запали луѓе кои протестираа/ФОТО/ВИДЕО

1044
screenshot X

Најмалку осум лица се повредени во терористички напад во Болдер, Колорадо, кога вооружен човек насочил импровизиран пламенофрлач кон произраелските демонстранти, соопшти полицијата.

Сите осум повредени се хоспитализирани поради изгореници, а едно лице се здобило со сериозни повреди.

Повредените се на возраст од 67 до 88 години и сите се однесени во локалните болници, соопшти полицијата.

Нападот се случил во недела, а сведоците рекле дека осомничениот, идентификуван од Федералното истражно биро (ФБИ) како 45-годишниот Мохамед Сабри Солиман, извикувал „Слободна Палестина“, објави телевизијата ABC.

Полицијата соопшти дека Солиман бил приведен без инциденти, а потоа однесен во болница.

Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека властите го истражуваат инцидентот како „целен терористички напад“.

„ФБИ верува дека нападот бил чин на идеолошки мотивирано насилство, врз основа на првичните информации, докази и изјави на сведоци“, изјави заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино.

Произраелските демонстрации беа организирани за да се подигне свеста за преостанатите заложници во Појасот Газа што ги држи палестинската милитантна група Хамас.

Нападот се случил во пресрет на еврејскиот празник Шавуот.

Американскиот претседател Доналд Трамп е информиран за „целен терористички напад“, изјави висок функционер на Белата куќа за ABC.

ИЗДВОЕНИ