Вознемирувачка сцена се одиграла во дворот на основното училиште „Дитурије“ во Сарај, кога по часовите, група малолетници со тупаници и клоци нападнале двајца свои соученици, пред очите на други деца, од кои пак неколкумина снимале со телефоните и видеото се објави на социјалните мрежи. Случајот, кој ја вознемири јавноста, заврши со тешко повреден ученик и со вклучување на обвинителството и полицијата.
Инцидентот се случил на 12 декември. Двајцата 14-годишни ученици тргнале кон излезот од училишниот двор, кога биле пресретнати од шестмина врсници, на возраст од 13 до 15 години. Наместо недорзбирањето да го решат со разговор, следело брутално тепање – удари по главата и телото, клоци и туркање. Едниот ученик поминал со површна повреда на главата, додека другиот завршил со сериозни повреди: контузија на главата, скршен нос и модринки по целото тело.
Сцената не ги вознемирила само нападнатите ученици. Страв и паника се прошириле и меѓу другите деца кои во тој момент излегувале од училиштето, гледајќи како нивни врсници брутално се пресметуваат во самиот училишен двор.
Основното јавно обвинителство Скопје побара поведување постапка против петмина од напаѓачите, сите на возраст од 14 и 15 години, додека едно дете помладо од 14 години, кое исто така учествувало, поради возраста не може кривично да одговара. Обвинителството предложи и мерки на претпазливост – редовно јавување во суд, одземање пасоши и забрана за приближување и контакт со претепаните ученици.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека случајот бил пријавен околу пладне, по што биле повикани родителите и на нападнатите деца и на напаѓачите. Полицијата ги утврдила сите учесници во тепачката и по целосно документирање ќе следи соодветна пријава.
Од училишната управа велат дека реагирале веднаш и ја смириле ситуацијата. Од училиштето велат дека ќе соработуваат со родителите и институциите. Директорката на основното училиште „Дитурије“ Фатиме Фета апелира до родителите повеќе да разговараат со своите деца и да ги учат на мирно решавање на конфликтите.
Случајот отвори лавина реакции во јавноста. Дел од родителите со гнев, на социјалната мрежа Инстаграм каде се објави видеото, прашуваат каде е воспитувањето и каква улога имаат семејствата во однесувањето на децата. „Тепањето врсник на ваков брутален начин е страшно. Ако моето дете се врати дома вака претепано, не знам дали би сакал да ги запознаам родителите на тие деца“, пишува родител во коментарите.
Последниот случај со врсничко насилство уште еднаш го отвора прашањето – дали училиштата имаат доволно обезбедување и дали вакви сцени можеле да се спречат.












