Екипите на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ продолжуваат со редовно одржување на хигиената на јавните површини во сите скопски општини, со посебен акцент на просторот околу садовите за комунален отпад.
Микролокациите на кои се поставени контејнерите секојдневно се мијат рачно, најчесто во доцните вечерни часови, откако ќе заврши празнењето на садовите. На овој начин, како што информираат од претпријатието, се одржува чистотата на просторот околу контејнерите.
Покрај овие активности, продолжува и машинското миење на скопските булевари и улици. За одржување на хигиената се користат автоцистерни, со што редовно се опфаќаат повеќе јавни сообраќајници низ градот.
Во пресрет на празникот Успение на Пресвета Богородица, екипите на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ го измиле и просторот пред црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, во централното градско подрачје.
Бил исчистен и измиен просторот во непосредната околина, како и дворот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во кањонот Матка.












