Тадеј Погачар заработува повеќе од некои фудбалери на ПСЖ

1953
EPA/BERNARD PAPON / POOL

Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (26) победи на најпрестижната велосипедска трка, Тур де Франс. Еден од најдоминантните велосипедисти од својата генерација успеа да го стори тоа по четврти пат во својата кариера, откако ја прослави својата прва победа кога имаше само 21 година. Тој вози за тимот на ОАЕ Емирати и постојано го потврдува својот статус како еден од најдобрите велосипедисти во историјата на велосипедизмот. Ја одбрани титулата годинава, а претходно, во 2020 и во 2021 година, славеше на трката „Околу Франција“.

Тадеј Погачар, еден од водачите на новата генерација велосипедски феномени, на само 26 години има победено на четири трки Тур де Франс и на едно Џиро д’ Италија. Сепак, она што го издвојува не е само неговиот неверојатен талент туку и неговата заразна, безгрижна природа, која на прв поглед изгледа некомпатибилна со беспоштедната борба на најголемите трки во светот.

Погачар, по освојување на титулата, изјави дека сериозно размислува за пензионирање од спортот.

– Нема да се пензионирам веднаш, но не се гледам во професионалниот велосипедизам уште долго. Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година се моја голема цел и по нив, сериозно ќе размислам за пензионирање – искрен е Погачар.

Тој се осврна и на историскиот момент за Словенија – почетокот на Тур де Франс ќе биде таму, во 2029 година. Сепак, Погачар јасно стави до знаење дека речиси сигурно повеќе нема да биде во натпреварувачки режим.

– За мене е неверојатно што ќе започне Турот во Словенија, во 2029 година. Ќе бидам таму, тоа е сигурно, не како натпреварувач – објасни тој.

Но, постојат малку познати детали од неговите живот и кариера што го откриваат неговиот пат од момче од Кланац до најплатен велосипедист во светот. Ова се некои од работите што, веројатно, не сте ги знаеле за него, пишува „Cycling Weekly“.

EPA/BERNARD PAPON / POOL

За почетоците

Тој ги направи своите први велосипедски чекори следејќи го својот постар брат, Тилен, во локалниот клуб КД Рог. Како момче, негов идол беше легендарниот Алберто Контадор и во текот на неговите возења често се преправаше дека е тој.

Малку е познато дека браќата Погачар биле вешти возачи на моноцикл, што ја објаснува неговата леснотија во балансирањето и возењето на задното тркало денес. Тој ја започна својата кариера на мал зелен велосипед „билато“, додека денес ги вози оние најсовремените – „колнаго V4R/V5R“.

Пат до врвот

На 18-годишна возраст, како член на континенталниот тим Љубљана, тој го привлече вниманието кон себе и се шпекулираше и за преддоговор со моќниот тим на ОАЕ Емирати, на кој на крајот му се приклучи. Тој ја постигна својата прва голема победа на сениорско натпреварување во Португалија, на трката Волта Алгарве, каде што, исто така, победи.

За него, 2020 година беше историска, стана првиот Словенец што победил на Тур де Франс, додека неговиот сонародник, Примож Роглич, заврши втор, создавајќи една од најпаметните спортски приказни во регионот.

Човек со рекорди

Погачар е сопственик на голем број импресивни рекорди. Тој е единствениот велосипедист во историјата што ја пробил магичната бариера од 6.000 UCI-поени. Неговата максимална моќност, измерена на Олимписките игри во Токио, е неверојатни 1.253 вати, а неговата најголема брзина при спуштање е 106 км/ч.

Со освојувањето на Тур де Франс 2020 на возраст од 21 година и 365 дена, тој стана вториот најмлад победник во историјата на трката. Поради разновидноста и способноста да победува и на гранд тур-трките и на еднодневните „класични“ трки, често го споредуваат со легендарниот возач Еди Меркс, познат по прекарот Канибал.

Кога не е на велосипед, Погачар сака да организира картинг трки за своите соиграчи. Тој успешно се обиде и во циклокросот, каде што стана национален шампион во 2019 година. Исто така, има лансирано своја линија облека, со слоганот „Никогаш не престанувај да се обидуваш и никогаш не откажувај се“.

Најплатен велосипедист

Тој вози околу 30.000 километри годишно, а неговото најдолго забележано возење на Страва е Милано – Сан Ремо во 2020 година, трка од 304 километри што ја нарекува „возење со закуски“. Неговиот талент е добро награден, со проценета годишна плата од 8 милиони евра, тој е најплатениот велосипедист денес.

Во споредба со фудбалерите, таа плата го става едно ниво под најголемите ѕвезди. На пример, според Каполоџи, играчите на ПСЖ, Дуе и Бредли Баркола, моментално заработуваат околу 6 милиони евра годишно, додека во Премиер лигата, играчите како Бруно Гимараеш, Матео Ковачиќ и Емилијано Мартинез заработуваат во опсег од 8 милиони евра.

Во Серија А, играчите како Ромелу Лукаку и Маркус Турам заработуваат слична сума, додека во Ла Лига, Хулијан Алварез и Брахим Дијаз се во сличен опсег.

 

ИЗДВОЕНИ