Светската здравствена организација (СЗО) денес објави дека епидемијата на хантавирус што ги погоди патниците на крузер е завршена.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека последниот контакт на лице изложено на хантавирус на бродот Хондиус е ослободено од карантин, тестирано е негативно и се вратило дома.
Не се пријавени нови случаи од 25 мај и „СЗО смета дека епидемијата на хантавирус е завршена“, рече Гебрехесус, објави „Би-би-си“.
Епидемијата, која инфицираше 13 лица, а уби тројца, беше предизвикана од вирусот на Андите, редок сој на хантавирус.
Идентификувани се повеќе од 650 контакти, кои властите во 33 земји ги следат.
Хантавирусот обично се шири преку глодари, а луѓето се инфицираат со вдишување воздух контаминиран со честички на вирусот од нивната урина, измет или плунка.
Симптомите може да вклучуваат треска, екстремен замор, болки во мускулите, болки во стомакот, повраќање, дијареја и отежнато дишење.
Тие обично се појавуваат помеѓу две и четири недели по изложеноста на вирусот, но можат да се појават и повеќе од еден месец подоцна, поради што периодот на изолација за патниците е толку долг.












