Србија неодамна купи кинески балистички ракети воздух-земја CM-400AKG за своите воздухопловни сили, станувајќи првиот европски корисник на ова оружје, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ доцна во четврток, пишува Ројтерс.
Ројтерс истакнува дека Србија се обидува да го балансира своето партнерство со НАТО и аспирациите за членство во Европската Унија со својот вековно стар религиозен, етнички и политички сојуз со Русија, како и стратешките врски со Кина, голем инвеститор.
„Имаме значителен број од овие ракети и ќе имаме уште повеќе“, рече Вучиќ во пренос во живо на државната телевизија РТС, неколку дена откако првите фотографии од ракетите поставени на српски авиони се појавија на интернет.
Вучиќ рече дека српските воздухопловни сили ги адаптирале своите ловци МиГ-29 од советско производство за да ги носат ракетите CM-400AKG.
Хрватска – членка на Европската Унија и НАТО -го критикуваше купувањето на ракетите како закана за регионалната стабилност, обид за промена на воената рамнотежа и знак за растечка трка во вооружување на Балканот.
CM-400AKG, произведен од кинеската компанија China Aerospace Science and Industry Corporation (CASIC), е суперсонична балистичка ракета воздух-земја, објави Ројтерс.
Може да носи експлозивна боева глава од 150 килограми или пенетративна боева глава од 200 килограми и има дострел до 400 километри.
Првпат беше употребен во борба за време на конфликтот во 2025 година меѓу Индија и Пакистан, кога пакистанските воздухопловни сили го употребија за таргетирање на индискиот систем за воздушна одбрана S-400.
Вучиќ не сакаше да ја открие цената што Србија ја плати за ракетите, велејќи само дека добила „мал попуст“.
Србија годинава издвои околу 2,6 проценти од својот бруто домашен производ за воени трошоци.
Неодамна, Србија го купи кинескиот систем за воздушна одбрана FK-3 – сличен на рускиот S-300 или американскиот систем Patriot – како и борбени беспилотни летала CH-92A од Кина, а во исто време купи 12 нови борбени авиони Rafale од француската компанија Dassault, заедно со хеликоптери и транспортни авиони од Airbus.












