петок, јули 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сведоштво од 1991 година за тоа како свештеникот Андреа Михал, кого Енвер...

Сведоштво од 1991 година за тоа како свештеникот Андреа Михал, кого Енвер Хоџа го испрати во затвор, одново ѝ се враќа на свештеничката служба меѓу Македонците во Мала Преспа

110

Вредно историско сведоштво за тоа како македонскиот свештеник Андреа Михал од Мала Преспа во Албанија, по повеќе децении и издржана затворска казна изречена од тогашниот атеистички режим на Енвер Хоџа, се појави во јавноста. Весникот „Македониум“, наменет за Македонците во Албанија, на својата интернет-страница првпат во јавноста објави снимка од 1991 година на која се гледа како, по падот на тогашниот режим во соседната држава, почнува обновувањето на православниот христијански живот. Со видеосведоштвото, забележано во на 5 мај 1991 година, е овековечена посетата на тогашниот преспански митрополит, Петар, на селото Туминец во регионот на Мала Преспа, кој е населен со македонско население, каде што повторно беше облечен во свештеничка одежда свештеникот Андреа Михаил, кој со години беше жртва на верскиот прогон.

Во текот на комунистичката диктатура на Енвер Хоџа, поп Андре бил осуден на осум години затвор затоа што одбил да ја предаде својата свештеничка одежда за да биде искористена во театарска претстава со која требало да се исмева православната вера.

– Според сведоштвата, додека бил во затвор, но и во годините по своето ослободување, тој често велел дека има само една желба: уште еднаш да го облече епитрахилот, да застане пред Светиот престол и да го прочита Светото евангелие – се наведува во објавата на интернет-страницата на „Македониум“.

На снимката се гледа како владиката Петар му се обраќа на народот, особено на свештеникот Андреа Михал. Него прво го облекуваат во свештеничка одежда, а потоа владиката му го дава и Светото писмо, кое тој го бакнува. Михаил добил и свети антимис, со што потоа можел да одржува редовни богослужби во ова подрачје. Сето ова се случувало во периодот на велигденски празнувања.

– Ова е голем ден што го создал Господ, да се радуваме по толку години, браќа и сестри Македонци. Успеавме, се чувствуваме многу пријатно, трогнати сме од вас. Да бидеме заедно, ова е историски чин по педесетина години, кој се случува со Божја помош. Трудете се да научите нешто за верата, а и тој ќе научи многу, иако во одминати години. Бидете достоинствени синови на царството небеско – се зборовите на владиката Петар.

Со падот на комунистичкиот режим и обновувањето на верските слободи во Албанија, неговата желба се исполнила. Поп Андреа повторно почнал да богослужи во храмовите во Мала Преспа и останал во свештеничката служба до своето упокојување. Архивското видео е зачувано благодарение на Вангел Петровски, а го снимил неговиот татко, Гоце Петровски, кој бил непосреден сведок на овој историски настан. Гоце Петровски, поранешен претседател на Организацијата на Македонците – потомци од егејскиот дел на Македонија, кој почина во 2021 година, беше долгогодишен активист за заштита на правата на Македонците од егејскиот дел на Македонија, како и на Македонците во Мала Преспа и во пиринскиот дел на Македонија. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ