Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ има 39 години и одамна освои сè што може да се освои, но не се откажува од тенисот. Затоа ја „лови“ својата 25. гренд слем титула. Но, додека продолжуваат „експертите“ да нагаѓаат колку долго ќе игра тенис и зошто сè уште е присутен на турнирите, дојде одговор од неговиот поранешен ривал, Шпанецот Рафаел Надал.
Само најголемите шампиони може да го разберат тоа и затоа Рафаел Надал, во своето последно интервју за американскиот Си-ен-би-си, рече дека разбира зошто сè уште игра Ѓоковиќ: тоа е само поради страста, а не поради бркањето рекорди.
„Новак Ѓоковиќ е сè уште тука затоа што го сака овој спорт и затоа што сè уште чувствува страст за натпреварување. Сè додека ја има таа мотивација и сè додека го служи телото, ќе има можност да се бори за најголемите титули. Она што го постигна е неверојатно. Сите ги поместивме границите во нашите кариери, но тој сè уште го прави тоа. Кога ќе победи некој толку многу како нас, единствената причина да продолжи е тоа што сè уште ужива во натпреварувањето и верува дека може да остане конкурентен – објасни Шпанецот без никакво двоумење.
Тој ја пофали и новата генерација тенисери, Синер и Алкарас, која доминира две сезони, нагласувајќи дека има потенцијал да донесе нешто ново во тенисот.
– Двајцата се извонредни играчи, со различни стилови на играње. Тоа секогаш им помага на луѓето да се идентификуваат со едниот или со другиот и го прави спортот многу поинтересен – нагласи Надал и додаде дека многу зависи од нивниот напредок во наредните сезони, односно дали ќе ги слуша телото.












