Едвин Субашиќ, поранешен офицер за воено разузнавање на Армијата на БиХ вели дека за да убиваат луѓе од забава странците плаќале десетици илјади германски марки и долари, во некои случаи и еквивалент на стотици илјади евра во валутите од тоа време, во зависност од тоа дали ќе пукаат дете, жена, маж или војник. Според него тие доаѓале со летови од Италија до Унгарија, потоа имале копнен премин до Белград, а до Пале и Сараево стигнувале со автобуси, минибуси, па дури и воени хеликоптери, и покрај забраната за летови.
Хорор приказната за богатите странци кои во 90-тите години за време на војната во Босна и Херцеговина патувале во Сараево за да убиваат луѓе од забава, не е нова. Уште во 1995 година италијански весници пишувале дека се оргнизираат туристички патувања за Босна и Херцеговина во кои е вклучено и убивање луѓе со снајпер, па и со базука. Овој случај, кој стана познат како „Сараево сафари“ е споменуван и на судења во Хаг, во книги, документарци, а сега доби актуелност и го обилколи светот, откако истражителите од Милано отворија предмет за него. Иако оттогаш поминало време, а ловците на луѓе тогаш си го криеле идентитетот, миланските истражители веќе идентификувале некои од нив. Има и сведоци кои и порано и сега ги раскажуваат своите искуства од времето кога Сараево било четири години под опсада, од 6 април 1992 година до 29 февруари 1996 година. Исто така, не е исклучено да се води истрага и во САД, каде што конгресменка најави решителни потези за откривање на американските граѓани, кои заедно со Италијанците и други државјани учествувале во човечкото сафари.
Според медиумите, сведок би можел да биде американскиот пожарникар Џон Џордан, кој престојувал во Сараево и околината за време на војната како член на противпожарната бригада на ОН.
-Видов неколкупати луѓе кои не личеа на локалното население, по облеката и оружјето што го носеа, по начинот на кој се однесуваа, движејќи се со локалното население. Го видов тоа многупати во Сараево, а некои од моите луѓе го забележаа тоа и во Мостар, рекол Џордан на судење во Хашкиот трибунал.
Тој појаснил дека тие луѓе буквално биле водени за рака, бидејќи не ја знаеле областа и имале оружје поинакво од тоа што се користело во војната во БиХ. Нему тоа оружје му личело како за лов на мечки во Шварцвалд. Џордан вели дека ги видел тие луѓе како ги водат околу добро познатите снајперски позиции, но не ги видел да пукаат.
-Но, повторно, беше очигледно за што станува збор: некој странец го водеа мештани околу снајперските позиции, начинот на кој беа облечени и фактот дека носеа оружје со себе ме наведе да верувам дека се „туристички стрелци“. Ова е термин што првпат го сретнав во Бејрут, каде што го видовме истото на линија, тврдеше Џордан во Хаг, додавајќи дека овие странски туристи биле препознатливи по облеката, која била комбинација од цивилна и воена.
Сознанија за пукањето во луѓе од задоволство има и Едвин Субашиќ, поранешен офицер на воено разузнавање на Армијата на БиХ, кој кон крајот на 1993 година добил задачата да анализира извештај од испрашување на затвореник, млад српски волонтер кој бил уапсен во зона контролирана од босанската армија во близина на фронтот. Во тоа време, околу Сараево на страната на босанските Срби имало руски и грчки платеници, но затвореникот кажал шокантни работи. Тој рекол дека пристигнал со автобус со српска група и странци, меѓу кои и пет Италијанци со опрема за лов и скапо оружје. Еден од Италијанците му објаснил дека тие не се платеници, туку „ловци“ кои платиле да пукаат во жителите на Сараево.
Се претпоставува дека во организацијата на преминот на ловците на луѓе до позициите на фронтот учествувале српските тајни служби и моќни структури во Република Српска. Рутите вклучувале летови од Италија до Унгарија, потоа копнен премин до Белград, а до Пале и Сараево се стигнувало со автобуси, минибуси, па дури и воени хеликоптери, и покрај забраната за летови. На теренот, „ловците“ биле водени од припадници на специјалните сили и локални војници. Субашиќ тврди дека има информации и за „ценовник“ според кој се вршеле плаќања во зависност од тоа кој ќе биде цел. Сумите, вели тој, достигнувале десетици илјади германски марки и долари, а во некои случаи и еквивалент на стотици илјади евра во валутите од тоа време. Се зависело од тоа во кого се пука. Децата како мета биле најскапи, наводно за нив се плаќале 300.000 евра, а висока цена имале и мажите, особено ако се во воена униформа. За време на опсадата на Сараево биле убиени повеќе од 11.500 луѓе, меѓу нив 1.621 дете.
Пријавата до миланските обвинители со куп собрани докази ја поднесе италијанскиот писател Ецио Гавазени, кој вели дека меѓу стрелците имало многу Италијанци, но и Германци, Американци и други. Благодарение на неговата пријава можен е епилог на овој морбиден случај за кој се знаело, но се третирал како урбана легенда. Гавацени во февруари треба да ја објави својата книга „Викенд снајперисти“, а „Нетфликс“ и „Амазон“ изразиле интерес за нејзино екранизирање.












