четврток, октомври 22, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Свечена заклетва на 30.класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Свечена заклетва на 30.класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

0

Свечена заклетва на 30. класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се одржа денеска во 11 часот во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје. На свеченоста се обратија министерот за одбрана Владо Мисајловски и деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, а присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали, претставници на воено-дипломатскиот кор, Министерството за одбрана и Армијата, како и роднини и пријатели на питомците.

-Денеска е еден од оние денови кои што се паметат цел живот. Ден кога со гордост, пред сите нас, пред своите семејства и пред татковината, ја дадовте заклетвата со која  презедовте една од најголемите одговорности со која што може да се носи еден млад човек а тоа е да и служи на својата татковина – рече министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Тој додаде дека со максимална посветеност во наредните четири години питомците ќе научат да носат одлуки кои ќе бидат клучни во заштитата и безбедноста на државата и со тоа да ја оправдаат довербата кај граѓаните.

-Затоа, учете и усовршувајте се. Бидете тим, почитувајте се меѓусебно и никогаш не заборавајте дека силата на Армијата не е само во способностите на поединецот, туку и во единството и довербата меѓу нејзините припадници – нагласи Мисајловски.

На денешната свеченост присуствуваа и питомците од Босна и Херцеговина, на кои министерот Мисајловски им посочи дека нивното присуство на Воената Академија е потврда дека Академијата е место на знаење, меѓународна соработка и взаемна доверба.

Деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, се осврна на заклетвата и вредностите кои се значајни за секој питомец кој ја избрал офицерската професија како свој животен пат и им порача нивниот личен интерес секогаш да биде пред должноста.

-Пред вас се години на учење, воена обука, предизвици и лични победи. Ќе се подготвувате да станете офицери што ќе умеат да размислуваат, да одлучуваат и да ги водат луѓето со личен пример. Но запомнете: добриот офицер не се препознава само по тоа како командува, туку и по тоа како се однесува кон луѓето што му се доверени – истакна деканот Танески .

ИЗДВОЕНИ