Судијата на Окружниот суд на САД, Тимоти Кели, ја продолжи привремената судска наредба со која на „Си-ен-ен“(CNN), „Ем-ен-ен-Ен-Би-Си“ (MSNBC) и „Политико“ (Politico) им се дозволува да известуваат од Белата куќа додека трае судскиот спор.
Кели, кој е назначен од претседателот Доналд Трамп, пресуди дека одлуката на претседателот да ги одземе постојаните новинарски акредитации на речиси 80 новинари веројатно ги прекршила процедуралните права, бидејќи тој не ги известил медиумите однапред дека загриженоста во врска со нивното известување може да го загрози нивниот пристап до Белата куќа, пренесува „Политико“.
Кели исто така истакна дека честите поплаки на Трамп за известувањето на овие три медиуми ја поткрепуваат судската констатација оти забраната веројатно претставува чин на „одмазда“ и „дискриминација врз основа на ставови“, со што се крши Првиот амандман на Уставот.
„Претседателите отсекогаш ги критикувале медиумите на овој начин. Никој не треба да ја толкува оваа одлука како сугестија дека поплаките на претседателот Трамп се неосновани, но неговите коментари се повеќе од доволни за да укажат на веројатна причинско-последична врска помеѓу говорот на тужителите – заштитен со Првиот амандман – и неговата одлука да им ги одземе постојаните акредитации“, напиша Кели во својата пресуда од 26 страници.
Кели ги отфрли тврдењата на Белата куќа дека загриженоста за националната безбедност го поттикнала потегот на Трамп.
„Впечатливо е што судските списи не содржат речиси никакви докази што ја објаснуваат или оправдуваат забраната врз основа на националната безбедност“, напиша Кели.
Теодор Бутрус, адвокатот што ги застапува трите медиумски организации, изјави дека пресудата претставува победа за тие организации и за јавноста на која ѝ служат.
„Претседателот постојано и јавно признаваше дека им забранил пристап до Белата куќа на нашите клиенти за да ги казни за известувањето што не му се допаѓало и дека се обидувал да ги принуди новинарите да известуваат за него на начин што нему му одговара“, рече Бутрус.
„Штетата што оваа забрана им ја нанесе на нашите клиенти, на Првиот амандман и на пошироката јавност е огромна, а судот со право ѝ забрани на Белата куќа да ја спроведува оваа неуставна забрана за слободниот печат во догледна иднина“, додаде Бутрус.












