Општина Куманово распиша јавен повик за субвенционирање на трошоците за комунални услуги, насочен кон социјално ранливите категории граѓани.
Од Секторот за социјална заштита, соопштија дека мерката има цел ублажување на финансискиот притисок врз домаќинствата со ниски приходи и зголемена социјална ранливост.
Субвенциите може да ги користат: стечајните работници што останале без право на материјално обезбедување поради приватизација на државни претпријатија; самохраните родители што сами ги извршуваат родителските права поради смрт, исчезнување или неспособност на другиот родител; згрижувачките семејства што обезбедуваат 24-часовна грижа за деца и за возрасни лица без соодветни услови за живот; младите лица што до 18 години биле без родителска грижа, со можност за користење до 26 години доколку се образоваат; лицата над 65 години – корисници на правото на социјална сигурност за стари лица; лицата со попреченост над 26 години, вклучително и лицата со интелектуална и телесна попреченост, слепи, слабовидни, глуви и наглуви лица, како и лицата со Даунов синдром, децата со специфични потреби до 26 години, корисниците на гарантирана минимална помош што живеат под кирија и немаат обезбедено станбено и материјално прашање.
За секоја категорија корисници се пропишани јасни и прецизни критериуми, како и задолжителна документација што мора да се приложи со барањето, меѓу нив фотокопија од лична карта, контакт- телефон, последни сметки од ЈП „Водовод“ и од ЈП „Чистота и зеленило“ (не постари од три месеци), доказ за врската меѓу подносителот и носителот на сметките.
Барањата можат да се подигнат во зградата на поранешното АД „Козјак“, спроти Градскиот стадион, во Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Поднесувањето на документацијата се врши во архивата на Општина Куманово и ќе трае до 12 февруари годинава.












