среда, август 26, 2026
Дома СВЕТ Страотен пожар во родилиште во Пакистан: Најмалку 15 бебиња настрадаа во огнената...

Страотен пожар во родилиште во Пакистан: Најмалку 15 бебиња настрадаа во огнената стихија

16
EPA/SOHAIL SHAHZAD

Најмалку 15 новороденчиња загинаа во пожар што утрово избувна во одделението за мајки и деца при Пакистанскиот институт за медицински науки во Исламабад, објави телевизијата Гео њуз, повикувајќи се на локалните власти. Во одделението во моментот на избувнувањето на пожарот имало 16 бебиња, од кои било спасено само едно.

Пожарот избувнал околу 6.45 часот во просторијата за новороденчиња на третиот кат од болницата. Според првичните информации, огнот бил предизвикан од експлозија или дефект на компресорот на системот за климатизација. Точната причина треба да ја утврди истрагата.

Пожарникарите успеале да го локализираат и изгаснат пожарот, а просторот во кој избувнал огнот е затворен.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф нареди итна истрага и побара да се утврди одговорноста за трагедијата. Формирана е повеќеинституционална комисија, која треба да ги испита причините за пожарот, безбедносните мерки и реакцијата на надлежните служби.

Телевизиските снимки прикажуваат густ чад што излегува од болничкиот објект и пожарникари кои, кршејќи ги прозорците, се обидуваат да стигнат до просториите погодени од пожарот.

Пакистанскиот институт за медицински науки е една од најголемите државни болници во Исламабад.

ИЗДВОЕНИ